Ликовниот караван „Најубавите мои сништа“ доаѓа во Охрид
По Струга и Охрид, делата ќе патуваат во неколку градови во Македонија и Србија, за на крај да пристигнат на финалната изложба во Детроит, Соединетите Американски држави.
Прекрасните слики, скулптури и графики на Интернационалниот ликовен караван конечно во Охрид. Оваа ликовна изложба која традиционално се одржува секоја година по завршувањето на Струшките вечери на поезијата, откако ги воодушеви стружани, сега доаѓа да го освои и Охрид. Се работи за вкупно 35 дела кои вклучуваат слики, графики и скулптури на уметници од Македонија, Србија, Германија, Бразил, Унгарија и Русија.
„Овој циклус ќе трае десет години, до 2020 година. Првата беше интересна за жените тема, „Жената-најфината творба на природата“, а и оваа тема. Многу уметници се воодушевија со темава бидејќи таа бара да се претстави своето најубаво дело. Јас не прифаќав било какви дела, само добри дела, не можам добар уметник да го претставам со лоша слика.“-вели организаторот на Интернационалниот ликовен караван, Тихомир Кондев.
Организаторот вели дека интересот за овој ликовен караван традиционално е голем. Само за годинава се пријавиле 20 нови учесници од кои само седум успеале да го поминат филтерот на Кондев. Познатиот охридски уметник, Славко Упевче некогаш и самиот изложувал на овој караван. Овој пат се јавува како организатор на охридската изложба.
„Тука се многу звучни имиња како што рече и Кондев, се бара во таа селекција да се одберат имиња кои нешто значат во ликовната уметност. Не само во Македонија, туку и пошироко, и од година во година мислам дека изложбата добива во квалитет, а тоа ќе биде преточено и во монографија која е во подготовка и во која ќе бидат презентирани најеклатантните примери на ликовната уметност.“-рече Славко Упевче, организатор на охридската изложба.
По завршувањето на изложбата во Охрид, ликовниот караван ќе прошета низ неколку градови во Македонија, потоа во Белград и Нови Сад-соседна Србија, за на крај да оди и преку океанот, во САД, односно во градовите Бостон, Њујорк и Детроит. Инаку, овој интернационален ликовен караван во Охрид доаѓа по осми пат, а досега во него изложувале околу 175 автори. Делата од овој ликовен караван се веќе поставени во Центарот за култура „Григор Прличев“, а изложбата ќе биде официјално отворена утревечер, во 20 часот.
{loadposition content9}