Skip to main content

Литературата гради мостови меѓу народите, средба на српски и македонски писатели и поети во Охрид

Средба помеѓу српски и македонски писатели и поети во Охрид. Организатор на настанот е Здружението за српско – македонско пријателство „Коштана “ од Охрид. Денеска писателите од Србија беа на прием во Српскиот почесен кознулат а во наредните два дена ќе ги посетат и Св. Наум, Струга и Вевчани.
 |  инфодеск  | 

Српски и македонски писатели и поети во Охрид преку пријателство и пишаниот збор градат културни мостови меѓу двата народи. Писателите Радомир Андриќ, поранешен претседател на Друштвото на писатели на Србија, Раденко Поповиќ и Радоња Дубљевиќ се сретнаа со нивниот домаќин, познатиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски и со уште неколку поети од Охрид.

Суштината на литературата е да не познава граници. Ако се пишува на хуман јазик, вистински човечки јазик тоа ќе биде добредојдено во секоја средина, кај секој народ, кажа познатиот српски поет Радомир Андриќ на средбата со своите македонски пријатели.

Во моите 60 години литературна дејност, повеќе од 40 пати бев на Струшките вечери на поезијата. Како млад соработував со Блаже Конески, Гане Тодороски, Анте Поповски, Радован Павловски. Седум мои книги се преведени на Македонски јазик. Јас се чувствувам и како македонски писател исто како што и 200 книги од македонските писатели се преведени на Српски јазик. Истиот момент кога книга ќе излезе во Македонија, се преведува во Белград. Она што е можеби најважно, во Србија посебно заначајно место зазема македноското национално малцинство. И се разбира дека има и писатели Македонци кои живеат во Србија, тие се голема врска помеѓу двете земји. Мило ми е што нашите народи соработуваат и што имаат меѓусебна почит.– кажа Андриќ.

Андриќ кажа дека секогаш се чувствува добредојден во Охрид и дека секогаш со радост му се враќа. Сподели една анегдота од својата биографија која се однесува на една од неговите први напишани песни, посветена токму на Охрид.

Во 1963 години во Белградската ревија НИН излезе моја песна, една од првите кои сум ги напишал, насловена „На Охрид, за моето враќање“. Јас таа песна ја загубив напишана на Српски јазик во тоа време кога беше објавена, а излегла и на Македонски јазик. Па мојот пријател Виктор Шеќеровски ја преведе таа песна за мене од Македонски повторно на Српски. Така повторно си ја најдов песната. Понекогаш и песните патуваат по некој заобиколен пат и се враќаат на изворното.– рече Андриќ.

Македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски за својот пријател Радомир Андриќ во една прилика при објавување негови препеви ќе каже дека е жив класик во современата српска поезија. Денешната средба на двајцата пријатели и соработници во словенската престолнина, како што рече Димоски, е другарска затоа што поетски се знаат уште од пред раѓање. Македонско-српските односи на литературно поле се на високо ниво, посочи Ѓорѓо Димоски.

Јас досега сум превел над десеттина книги од српски автори на Македонски јазик, сега една ми излегува од Воислав Карановиќ, а и македонско-српските односи на литературно поле се на високо ниво. Мислам дека Србија е земја којашто ја почитува македонската литература и култура и не знам ни да набројам колку македонски книги се преведени на српски јазик. Само мои шест книги се преведени досега на српски јазик кои нашле високо место во српската култура и критика. Односот е одличен , не знам дали со друга соседна земја би можело да се зборува на такво високо ниво кога станува збор за литературата. Немаме никаков проблем околу она што е денеска актуелно политичко прашање за јазикот со некои соседни земји.– рече Славе Ѓорѓо Димоски.

Организатори на средбата на српски и македонски писатели и поети во Охрид се Здружението за српско – македонско пријателство „Коштана “ и Почесниот конзулат на Р. Србија во Охрид. Присутните ги поздрави почесниот конзул Михајло Филев, кој порача дека вакви културни настани ќе продолжат во иднина.

„ Ќе биде спој на книжевноста, литературата на Македонија и Србија со презентација на многу интересни дела кои се поврзани секако со настани и случки историски помеѓу двете земји кои се одвивале во минатите векови, а тоа е еден доказ дека нашата култура и традиција се одржува и во Македонија и во Србија и тоа е додатен елемент и еден мост кој ги зацврстува уште повеќе народите.“ – посочи Михајло Филев, почесен конзул на Р. Србија во Охрид.

Писателите од Србија престојот во Охрид го започнаа со посетата на НУ Библиотека „Григор Прличев“ а во наредните два дена ќе ги посетат и Св. Наум, Струга и Вевчани.