Литургија по повод доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА од СПЦ
По повод годишнинатата од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската Православна Црква -Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) на 5 јуни во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи света архиерејска литургија.
„Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА) го повикува македонскиот богољубив народ да земе молитвено учество на света архијерејска литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА од страна на Соборот на Српската Православна Црква (СПЦ), на 5 јуни 2023 година, на празникот на Светиот Дух, во Катедралниот храм на Охридските Архиепископи – „Света Софија“ во Охрид.„ – соопшти Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА.
Литургијата е со почеток од 9 часот.
Српскиот патријарх Порфириј на 5 јуни минатата година му врачи акт на поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, со кој се потврди одлуката на СПЦ објавена на 24 мај по сослужувањето на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – ОА, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.