Љубов кон животните од најрана возраст низ интерактивно предавање
Вистинско пријателство, поубаво секојдневие, забава. Активистите од здружението за заштита на животни „Анималиа“ започнаа со реализација на нивниот едукативен проект „Заедно растеме“.
Љубовта кон животните се раѓа и негува од најрана возраст. Ова е мислата водилка на активистите од здружението за заштита на животни од Охрид, Анималиа. Тие денес започнаа со реализација на нивниот едукативен проект „Заедно растеме“ со кој како што велат сакаат да влијаат на зголемување на свеста за полезноста од љубовта кон животните. Денес имаа едукативно и интерактивно предавање за учениците од ОУ „Братство Единство“.
„Доколку ние од мала возраст не водиме сметка за да ги изградиме дечињата за да ги љубат животните, подоцна е тешко да им ги промениме тие вкоренети навики на одбивност, на омраза кон животните. Целта на овој проект е да се подигне таа свест за правата на животните, да се подигне емпатијата на учениците кон животните, да се приближи едноставно како ние како здружение ги обавуваме сите активности, како волонтираме, што е активизмот едноставно.“-вели Климент Арнаудов-претседател на Здружението за заштита на животни „Анималиа“.
Проектот „Заедно растеме“ е еден од шеесетината проекти кои беа одобрени и добија средства од локалната самоуправа. Активистите од „Анималиа“ со добиените околу 500 евра од локалната, отпечатиле едукативни материјали, мини стрипови, крстозборки, лепенки со сликички од домашни миленичиња. Со добиените средства, Арнаудов вели дека успеале да ги опфатат само учениците од шесто одделение во охридските основни училишта. Освен шестооделенците од „Братство Единство“, со проектот ќе бидат опфатени и децата од „Христо Узунов“, „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Григор Прличев“.
Од Анималиа велат дека покрај овој проект работат и на подобрување на инфраструктурата во која ги чуваат прифатените кучиња скитници.
„Во преговори сме со општината, а веќе и пристапивме и кон реализација на дел од тие наши барања за изградба на соодветно прифатилиште ко што ќе ги запази светските стандарди, а ќе ја запази и домашната законска рамка едноставно. За да на еден начин се ублажи проблемот со бездомните животни и да создадеме соодветни услови за истите да бидат таму згрижени, а и од таму да бидат вдомувани кај потенцијалните интересенти. Мауцкер е обезбедена слободна површина која ќе е наменета за изградба на тоа прифатилиште.“-рече Арнаудов.
Инаку во моментот, активистите од „Анималиа“ имаат на располагање пет кафези со 10 кучиња кои чекаат вдомување. Во новото прифатилиште кое се надеваат да го изградат кај „Мауцкер“ како и досега ќе работат самите, но очекуваат и помош од локалната самоуправа и од заедницата.
{loadposition content9}