Локалната поставува „легнати полицајци“ низ охридските улици, „Карпош Војвода“ заобиколена
Улицата „Карпош Војвода“ ќе треба да ја почека следната фаза од поставувањето на сообраќајни грпки низ охридските улици. Жителите на оваа улица во неколку наврати апелираа истите да бидат поставени со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Жителите на улицата „Карпош Војвода“ се чини ќе треба да почекаат за и на нивната улица да се постават сообраќајни грпки или популарните „легнати полицајци“.
Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при локалната самоуправа од вчера започна со поставување на вакви сообраќајни грпки со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот низ охридските улици. Но во списокот со улици на кои истите ќе бидат поставени, ја нема „Карпош Војвода“. Од локалната информираат дека поставувањето на сообраќајните грпки ќе се спроведува во повеќе фази. Во првата, вакви сообраќајни грпки ќе бидат поставени на улиците „Момчило Јорданоски“, „Питу Гули“ пред ОУ „Христо Узунов“, „Партизанска“, „7ми Ноември“ пред ОУ „Братство Единство“ и на булевар „Туристичка“. На улицата „Карпош Војвода“ случени се 6 сообраќајни незгоди само во изминтиов период од година и пол. Во четири случаи повредени беа деца, кои поради блиското игралиште претрчуваат преку оваа улица на која брзо се вози. ТВМ во неколку наврати информираше за сообраќајните незгоди на оваа улица и барањето на жителите да бидат поставени успорувачи на брзина по што следеше и собирање на петиција од страна на жителите. Година дена подоцна, на „Карпош Војвода“ сеуште нема поставено вакви сообраќајни реквизити.
„За начинот на поставување на успорувачи на брзината, одлучуваат стручните служби при Секторот за сообраќај и комунален развој при локалната самоуправа, меѓутоа секој пат во соработка со стручните служби на сообраќајната полиција, односно на СВР Охрид. Тие на почеток на секоја година ги разгледуваат можностите односно потребите на граѓаните на Охрид во делот на адекватно регулирање на сообраќајот и воспоставување на безбедност, не само на учесниците во сообраќајот, секако и на пешаците, и врз основа на тоа донесуват програма според која се поставуваат помагала односно успорувачи на брзина.“-вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Поставувањето на успорувачите на сообраќајот е дел од Годишната програма на Секторот за комунални дејности,сообраќај и улици за поголема безбедност во сообраќајот. Со оглед на тоа дека успорувачите во наредните фази ќе се поставуваат според потребите на граѓаните, жителите на „Карпош Војвода“ може да се надеваат дека во некој иден период и тие конечно ќе добијат побезбедна улица.
{loadposition content9}