Skip to main content

Локалната самоуправа го раскина договорот за закуп на паркинзите

Како причина од локалната наведуваат неисполнување на условите на договорот.

 |  Мишел Наумоски  | 
parking
паркинг

Постапувајќи по заклучокот донесен на седница на советот на општина Охрид од 10ти Мај годинава, градоначалникот Бакрачески го раскина договорот за закуп на паркинзите. Денес и официјално од локалната потврдија дека досегашниот закупец, компанијата „Сузуки“ повеќе нема да стопанисува со паркинг просторот во централното градско подрачје.

parkingНовоименуваниот портпарол на локалната самоуправа, Томе Џамтоски вели дека договорот со закупецот бил раскинат поради неисполнување на условите кои стоеле во договорот. Еве што значи тоа.

„Тоа ќе значи дека досега оние улици кои се користеа како паркинг простор треба да бидат ослободени од страна на зкупецот. Тоа е улицата „Македонски просветители“ од пресекот со булеварот „Туристичка“ до крајот на улицата односно до кружниот тек, вклучувајќи го и кружниот тек, со вкупно 162 паркинг места и улицата „Партизанска“ со пресекот со улицата „Кузман Јосифоски-Питу“, просторот пред Стопанска банка, и паркинг просторот кај хотел Ривиера со вкупно 99 паркинг места.“-рече портпаролот на локалната самоуправа, Томе Џамтоски.

Џамтоски изрази надеж дека закупецот ќе постапи соодветно во интерес на граѓаните и јавниот интерес на општина Охрид.

parking Mak.prosvetiteliСепак доколку се случи да паркирате во централното градско подрачје и некој побара од вас да платите за паркинг, од локалната советуваат…

„Најдобронамерно и најдобро што можам во овој момент да кажам е дека граѓаните ќе треба веројатно да се обратат до ете најблискиот сообраќаен полицаец кој веројатно ќе најде начин да им помогне во тој момент, меѓутоа очекувам дека набрзо ќе има целосна разврска.“-вели Џамтоски.

Новонастанатата ситуација околу паркинзите, според Џамтоски воедно ќе значи и сигурна промена на сообраќајниот режим во овие делови од градот.

Што се однесува до ослободените паркинг простори, од локалната велат дека тие најверојатно во една транспарентна постапка ќе бидат вратени на стопанисување на ЈП „Билјанини извори“, кое е основано токму за таа намена.

{loadposition content9}