Локалната ги прави последните поместувања во буџетот за 2015та година
Денес пред советниците се најдоа извештаите за сработеното на секторите во локалната самоуправа и за годишните и за развојните програми.
Последни законски предвидени поместувања во општинскиот буџет за оваа година. Советниците во градскиот совет денес дискутираа за реализацијата на програмите на секторите на локалната самоуправа, биле тие годишни или развојни. Во рамките на ребалансот на буџетот пак, кој е последен кој законодавецот го предвидел за една буџетска година, се дискутираше и по однос на поместувањата кои локалната ги предвидува по пооделните сектори, односно во нивните програми. Токму тука беа забелешките на опозицијата во градскиот совет кои реагираа дека самиот ребаланс се прави нетранспарентно и дека тие како советници немаат детален увид каде се потрошени буџетските средства.
„Ние и оваа година со ребалансот на буџет повторно утврдивме дека не знае оваа администрација да спроведе соодветно буџетско планирање, и што е многу важно, транспарентно пред граѓаните да излезат и да им кажат кои активности ќе бидат финансирани и кои нема да бидат финансирани. Имаме тотално нефункционирање на секторите и на раководителите на одредени сектори во општинската администрација, кои што не знаат меѓу себе да се договорат, и да ги усогласат материјалите кои ние како советници ги добиваме. Не сакам да преудицирам дека нешто се крие но ваквиот начин на финансиско известување апсолутно не соодветствува со она што ние како советници ттреба да го добиеме,така што тука секогаш недостига една политичка расправа за тоа каде се потрошени тие средства.“-вели Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ.
Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески пак, вели дека оваа можност се користи со цел локалната да утврди што може да биде доработено до крајот на годината и дека на тој начин го конципираат ребалансот на буџетот. Според него, станува збор само за ускладување на ставките кои во текот на годината се потрошиле во поголем износ и ставките каде биле потрошени помалку средства од проектираното.
„Сето тоа е содржано во рамки на извештаите кои советниците ги протолкуваа секој од своја страна, тука беше повторно опозицијата со определени свои политички настапи и гледишта често неаргументирани гледишта на работите, често пати се разговара за идеална состојба односно такви би биле проекциите кога општината би немала ни еден денар долг, а оваа општина како што јавноста добро знае со повеќе од 32 милиони евра долг што секако го оптеретува нормалното функционирање на општината како од процедурален аспект, така и од финансиски аспект така што не може точно во детали да се планира приливот односно потребата од одлив на средства доколку се јават извршни решенија.“-рече секретарот Спасески.
Освен дискусијата по однос на општинскиот буџет и неговиот ребаланс, денес советниците на 46та седница на Советот на општина Охрид дискутираа и за поединечните измени во програмите кои ги спроведуваат секторите на општината предизвикани од ребалансот. Освен тоа, советниците гласаа и за годишната програма на работничкиот универзитет „Кузман Шапкарев“, беше проширен делокругот на работа на ЈП „Градски пазар“, а се направија и измени во одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите на ова јавно претпријатие, а се формира и Комисија за утврдување на предлогот на програмата за работа на Советот на општина Охрид. Од вкупно 34те предлог одлуки, 33 добија согласност, единствено од дневниот ред беше повлечена точката која се однесуваше на давање согласност на одлуката за изменување и дополнување на одлуката за утврдување на висината на надоместокот на услугите на ЈП „Градски гробишта“.