Skip to main content

Сдсм охрид

Крлев : Локалната ќе удри по џебот на охриѓани

Локалната власт ќе удри по џебот на граѓаните покачувајќи ги цените на услугите на ЈП „Охридски Комуналец“, обвинија од ОО на СДСМ Охрид во пресрет на утрешната седница на Совет. Охриѓани нема да плаќаат за неспособноста на кадрите кои ја водат локалната и јавните претпријатија, кажа денеска на прес конференција портпаролот Јован Крлев.
 |  инфодеск  | 
Јован Крлев

На утрешната седница, Советот на Општина Охрид ќе одлучува, меѓудругото и за давање согласност за изменување на одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“.

Од СДСМ Охрид денеска обвинија дека Локалната власт ќе удри по џебот на граѓаните покачувајќи ги цените на услугите на ЈП „Охридски Комуналец“.

„Ова е уште еден доказ за погрешното менаџирање на Локалната со јавните претпријатија на штета на граѓаните, кажа денеска на прес конференција, портпаролот на ОО СДСМ Охрид, Јован Крлев.

Освен физичките лица не се изземени ни правните лица на кои им се товарени над 20% покачување на цената на услугите. Со кое лице ќе ги покачуваат цените кога градов цело лето се дави во ѓубре, кога преполните контејнери и неисчистени улици се секојдневна грда слика и за охриѓани и за туристите?! – истакна Крлев.

Претседателот на Совет на Општина Охрид Сашо Донев на една од минатите седници вети дека ќе формира Комисија од советници од сите политички партии во советот за да ги разгледаат проблемите во јавните претпријатија и да изнајдат начин за нивно порентабилно работење, потсети Крлев.

Додаде дека комисијата не се формирала и не се разгледувале можни варијанти пред да се прибегне кон покачување на цените, што треба да биде последна опција. Јавно праша што се крие позади поскапувањето на услугите на „Охридски Комуналец“.

Дали се вистинити наводите дека претпријатието и Локалната власт за изнајмување на машини за чистење на градот, од битолска фирма за отпад и метачки, трошат фрапантен износ од неколку илјади евра месечно. Прашањето е дали сакате тоа да го покриете со народни пари, па оттаму зголемувањето на цените на услугите – вели Крлев.

Поставата од ДПМНЕ место да кажува како централната власт се справува со светската економска криза нека се грижи како менаџира на локално ниво, кажа портпаролот и додаде дека охриѓани нема да плаќаат за неспособноста на кадрите кои ја водат локалната и јавните претпријатија.