Локалната работи на поставување на новата водоводна линија за село Лескоец
Во моментов се одвива првата фаза од овој зафат кој беше најавен летово, а со кој според локалната ќе се реши еден горлив проблем за лесковчани. Зафатот ќе се одвива во три фази во кои ќе биде поставена водоводна мрежа во вкупна должина од 2800 метри.
Почеток на крајот на проблемите на Лескоец со водоснабдителниот систем. Во моментов по налог на Секторот за комунални дејности сообраќај и улици се работи на поставување на новата водоводна линија која беше најавена летово, а која треба еднаш засекогаш да ги реши проблемите на лесковчани со снабдувањето со вода, особено во летните месеци кога тие беа и најизразени. Станува збор за зафат кој ќе се спроведува во три фази, а во моментов се поставува водоводната инфраструктура на самиот влез од Лескоец, во непосредна близина на седиштето на ЈП “Градски гробишта”.
“Во првата фаза ќе бидат опфатени 500 метри од новата водоводна линија, а се планира вкупно за с.Лескоец оваа водоводна линија да биде околу 2800 метри. Согласно работата на терен и интензитетот и динамиката со кои ќе се одвиваат овие градежни активности во првата фаза, очекуваме трите фази да бидат готови негде до почетокот на пролетта 2016та година, меѓутоа сепак со оглед на тоа што се работи на терен, градежните работи се изведуваат на отворено, сепак во целост сме зависни, односно екипите на терен во целост се зависни од временските прилики.”-вели портпаролот на Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, Љупчо Танески.
Според Танески, ваквата активност, односно реализацијата на новата водоводна линија произлегува директно од редовните средби кои градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески ги остварува со претседателите на месните и урбаните заедници од Охрид и охридско. Токму на една од овие средби, од месната заедница од Лескоец како примарна била истакната потребата од нова водоводна линија.