Skip to main content

Локалната самоуправа нема слух за развој на училишниот спорт, тврди Станкоски

Локалната самоуправа нема слух за развој на училишниот спорт, тврди советникот од ВМРО НП Јоне Станкоски. Тој вели дека потребни се многу малку пари за да се направат училишни лиги, но општината во текот на оваа година нема префрлено ниту денар за таа намена. Од локалната велат дека средства од буџетот за 2016та за оваа намена се издвоени и дека тие во секој момент можат да бидат префрлени на  училиштата.

 |  Јаковлева Лионела  | 
sovetnici

 

Локалната самоуправа не дала ниту денар во 2015та година за развој на училишните спортови, критикува советникот на ВМРО НП, Јоне Станкоски. Тој додава дека тоа е несфатливо бидејќи развојот на училишниот спорт и тоа како е значаен за развојот на децата и на нивната личност. Станкоски вели дека иако биле предвидени средства во буџетот за 2015та година за училишниот спорт, досега не се префрлени на училиштата.

Онаму каде локалната треба најмногу да се заложи, а тоа е развојот на децата, таа како да е глува. Не можам да сфатам зошто нема чуство за развојот на училишниот спорт во градов. Не може да се правдаат дека немаат пари затоа што станува збор за навистина мала сума, вели Станкоски.

За развојот на училишниот спорт потребни се 100.000 до 150.000 денари, тврди Станкоски. Средства кои за локалната не значат многу, но за училиштата се и тоа како добредојдени. Со нив ќе се формираат училишни лиги во различни спортови кои би се натпреварувале меѓусебно, со што би се развивал натпреварувачкиот дух кај младите.

Целта на масовниот спорт не е да бараме професионалци. Целта е да ги ангажираме и оние деца кои можеби никогаш во животот нема да се занимаваат со спорт. Да им дадеме шанса и да ги вклопиме во некој систем на натпревари, вели Станкоски.

Советникот Станкоски рече дека во последно време се повеќе зборуваме за деформитетите на рбетно скелетниот систем кај децата, а ништо не правиме за развојот на спортот во училиштата, што во голема мера ќе помогне за нивно намалување.
Од локалната велат дека средства од буџетот за 2016та за оваа намена се издвоени и тоа во висина од 130.000ден. И дека тие во секој момент можат да бидат префрлени на училиштата.

Трошењето на тие средства оди според соодветна програма која треба сојузот на училишен спорт да ја достави до локалната. Тие средства не се воопшто спорни, но треба да се знае точно за кои активности ќе бидат наменети, објаснува Томе Џамтоски, портпарол на локалната самоуправа.

Средствата се делат помеѓу училиштата по принцип на доставен проект, а досега ниту едно училиште нема доставено таков, тврди Џамтоски.