Локалната со летниот режим на сообраќај ќе го регулира и поставувањето на урбана опрема на ул.„Коста Абраш“
Улицата „Коста Абраш“ со летниот режим на сообраќај од денес станува пешачка зона споена со Кеј „Македонија“ и улицата „Цар Самоил“.
Од денес па до крајот на месец Август, посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје. Медитеранското катче како што своевремено локалната го нарече пресекот на улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“ од денес станува пешачка зона која што е поврзана со чаршијата и Кеј „Македонија“. Според посебниот режим на сообраќај, на овие улици од 5 часот наутро до 20 часот навечер ќе важи забрана за сообраќај, освен за жителите на Стар град, додека од 20 часот до 5 часот следниот ден ќе има целосна забрана за сообраќај за сите граѓани, освен за специјалните возила на полицијата, пожарната и итната медицинска помош.
„Тука сообраќајот е забранет за моторни возила освен возила на Брза помош, противпожарната служба, полицијата и други специјални возила. Она што како пракса се покажа изминатите години се регулира сообраќајот во смисла има повеќе простор за гостите кои го користат овој простор за рекреација, за прошетка и оваа година сметаме дека од искуство од изминатите години ем се растеретува сообраќајот ем има повеќе простор за гостите да ги користат многубројните кафетерии, ресторани кои се наоѓаат на овој простор.“-вели Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид.
ТВМ во повеќе наврати информираше за поплаките на граѓаните кои живеат токму во овој дел на градот, а кои се однесуваат немањето на простор за движење на пешаците поради паркираните возила и урбаната опрема поставена на тротоарите од двете страни на улицата „Коста Абраш“. Токму во оваа насока, според Џамтоски летниот режим на сообраќај освен за одвивањето на сообраќајот ќе биде искористен и за контролирање на поставувањето на урбаната опрема.
„Се она што е издадено како одобрение за поставување на урбана опрема е согласно годишната програма за поставување на урбана опрема и вие знаете дека оние што ќе ја користат урбаната опрема на одредени улици во тој дел на градот, ја користат и согласно оваа одлука за одвивање на сообраќајот, а тоа значи дека одредени простори можат да се користат за поставување на урбана опрема пред се за угостителските објекти, во периодот од 20 до 5 часот наутро.“-рече Џамтоски.
Воедно со летниот режим на сообраќај за овој дел од градот, односно улиците „Коста Абраш“ и „Цар Самоил“ се забранува и паркирањето на возила и тоа од двете страни на коловозот.