Лошата исхрана и недоволната физичка активност го земаат својот данок кај учениците
Лошата исхрана и недоволната физичка активност го земаат својот данок кај учениците.
Специјалистите по школска медицина на систематските прегледи кај училишните деца од регионов констатирале нарушување на телесната тежина. Ова го покажуваат статистичките податоци од охридскиот регионален Центар за јавно здравје кој ги покрива општините Охрид, Струга, Дебарца, Дебар и Вевчани. Во текот на 2014 година со систематски прегледи биле опфатени околу 98 проценти од учениците, напоменува д-р Слободанка Коцевска од охридскиот Центар за јавно здравје. Податоците укажуваат дека лошата исхрана и недоволната физичка активност го земаат својот данок кај учениците.
„ Интересно е што до 14 годишна возраст се среќава зголемена тежина, а подоцна заради драстичните диети тежината се намалува под оптимум. Овој податок треба да ни даде правец при планирањето на здрвствената активност кај оваа популација да дадеме приоритет на здравиот начин на исхрана и зголемена физичка активност“, напоменува д-р Коцевска.
Деформитетите на рбетниот столб за разлика од лошата исхранетост се почесто се среќаваат кај учениците од средно образование. 10,5 посто од средношколците имаат проблем со деформитети, подвлекува д-р Коцевска.
„Причните за деформитетите на рбетниот столб кај средношколците се резулатат на седење во училишните клупи и сведување на физичката активност на минимум“, вели д-р Коцевска.
Од Центарот за јавно здравје подвлекуваат дека состојбата со телесната тежина кај училишните деца била многу подобра кога функционирале училишните кујни. На тој начин го следевме оброкот по калории и квалитет, вели д-р Коцевска. Сега тоа е невозможно и никој не го следи оброкот кој го земаат учениците, додава таа. Како опција би било пожелно да се размислува за повторно враќање на училишните кујни. Некои од директорите од основните училишта со кои ТВМ контактираше ја прифаќаат оваа можност и велат час поскоро ресорното министерство да размислува во тој правец. Додаваат дека мора нешто да се преземе и со тешките чанти кои учениците мора секој ден да ги носат.Предлагаат и зголемување на бројот на часови по физичко воспитание.