Skip to main content

Mачорот Тито од охридските улици замина да живее во Мичиген

 Уличниот мачор Тито не скита веќе гладен и жеден по контејнери и улици, туку ужива во Америка. Туристите во Охрид знаат да се вљубат во некое маче од улица и да го спасат носејки го во својот дом.
 |  инфодеск  | 

Гладен, жеден,  под ведро небо, на горештини, ветрови, студови и дождови.  Ваков е животот на големиот број улични животни во земјава. Но некои имаат среќа да најдат најубав дом полн со љубов. Таква е приказната за охриѓанецот Тито, кој живееше на улиците во турската чаршија.

Тој имаше среќа да ја запознае младата Американка Меган, која во јуни беше на патување во Охрид.  На прв поглед ја стекна нејзината љубов, па таа одлучи да го носи во Америка.

– Еден ден вечерав во ресторан блиску до моето сместување и имаше многу  мачки на улица,  но оваа беше многу пријателски расположена  и ми пријде,   ми седна во скут за време на вечерата и седеше  на столот до мене. Почнав да го хранам  со пилешко,  а тој беше многу мил и нежен, се гледаше дека е млад мачор, дефинитивно помалку од една година стар, и беше многу мил, па почнав  да комуницирам повеќе со него и го гледав секој ден, бидејќи бев тука околу четири дена,  Од првата вечер, до последната вечер бевме заедно во ресторан. Преку  Фејсбук групата  Cat rescue Ohrid побарав помош од луѓе  кои им се грижат за уличните  мачки да ми помогнат со потребната  вакцинација и документација и сè што е потребно  за да може да патува во САД и да дојде да живее со мене –, вели Меган Даглас.

Меган целиот одмор  во Охрид се дружеше со Тито, побара помош од локалните активисти да го причуваат додека се средат документите и во јули се врати по него и го однесе во Мичиген.  Нејзината порака е поголема грижа за уличните мачиња, финансиска поддршка за стерилизација и кастарција.

– Мислам дека дефинитивно е предизвик со популациите, особено затоа што мачките раѓаат многу мачиња и тоа неколкупати годишно  Значи, стерилизирањето на мачките е многу важно за да се намали популацијата на улични  во областите со потопла клима.  Важно да има организации кои работат на нивна стерилизација и кастрирање, како и грижа за нив и нивно хранење. Постојат некои  области каде што мачките не се толку ценети од заедницата, па можат да бидат малтретирани или  повредувани. Тоа е навистина тажно. -,додава Меган.

Активистите од Suzan Rescue house со драга волја помогнаа  Тито  да си најде постојан дом. Но не е само мачорот кој денес е среќен во Америка, тие ова лето посвоија уште неколку  мачиња во кои случајно се вљубија туристи и одлучија да си ги земат по европските земји.

-Многу ми е драго за Тито и можам да кажам дека среќна сум што живееме во оваков град, каде што доаѓаат многу туристи и до сега сме имале повеќе случаи мачина и кучина да бидат вдомени, Ние да им ги средиме документите и да ги почуваме, но сепак има и многу разочарани туристи затоа што гледаат каква е ситуацијата кај нас со животните и пишуваат дописи до амбасадите на земјите  од каде што доаѓаат, а исто така и до нашата локална самоуправа за да се пожалат за тоа што не е хумано  ова што се случува овде и се надевам дека во еднина што повеќе спасени маченца и кученца, вели Маја Коваческа активист.

Во куќата на Сузан во Охрид  има многу среќни мачешки  приказни. Додо замина да живее во Холандија, Жаки во Белгија, Мио и Флафи во Англија. Веруваат и се надеваат на поголема поддршка од локалната власт за стерилизација и кастрација за намалување на популацијата на улични мачиња.

Соња Рилковска