Македонија богата со мозаично културно наследство, сиромашна со конзерватори
Мал е бројот на конзерватори и реставратори кои ја работат оваа специфична уметност, но според академскиот сликар и конзерватор, Никола Упевче, тоа е заеднички проблем за целиот регион.
Балканот, Македонија, а особено нашиот Охрид располагаат со огромно мозаично културно наследство кое мора да биде сочувано. Конзервацијата и реставрацијата на мозаици е специфична уметност која бара сериозен пристап како не би се изгубило ова огромно наследство. За жал сеуште е мал бројот на конзерватори и реставратори кои би работеле на заштита и враќање на стариот сјај на овие мозаици, но малата бројка на конзерватори според академскиот сликар и конзерватор, Никола Упевче не е проблем со кој се соочува само нашата земја, туку и целиот регион.
Овој проблем, Упевче вели дека ќе го решаваат преку проектот „Мозаиците во Југоисточна Европа“, односно преку создавање на мрежа од професионални конзерватори на мозаици.
„Во претходниот проект ние направивме анализа на состојбата на очуваност на мозаиците и бројот на мозаиците кои ги имаме во сите овие држави кои учествуваат. Така да воедно увидовме дека имаме голема потреба од обука на конзерватори и реставратори, и едукација за тоа како треба да се пристапи на еден стар мозаик, како треба да се документира и интервенира. За сето тоа да претставува потоа едно своевидно дополнување на туристичката атракција која ја имаме.“-вели академскиот сликар, конзерватор и реставратор, Никола Упевче.
Во рамките на овој проект конзерваторите и реставраторите од целиот регион на Југоисточна Европа деновиве, токму во Охрид, на заедничка работилница ги споделуваат своите искуства во конзервирањето на своето мозаично културно наследство. Како дел од работилницата, Упевче ќе презентира дел од мозаичното културно наследство со кое располага Охрид.
„Покрај езерото, во моето предавање направив добар осврт на 21 локалитет во кој се присутни мозаиците, само околу Охридското езеро. Значи тоа е една можност за понатамошен развој на регионов и соработка помеѓу двете држави. Ние организираме утре една екскурзија околу Охридското езеро на која ќе посетиме дел од овие локалитети.“-рече Упевче.
На самата работилница учество земаат конзерватори од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Србија, Словенија и Унгарија, а свои предавања ќе имаат и врвни експерти од областа на конзерваторството од Франција, Италија и САД. Покрај локалитетите во нашиот град, конзерваторите ќе посетат и локалитети во соседна Албанија. Инаку, ова е втора ваква средба на конзерваторите која се организира во Охрид, а со цел поголема промоција на мозаичното културно наследство на нашиот регион.
{loadposition content9}