Македонија ќе воспостави европски систем за управување со цврст отпад
Република Македонија за првпат ќе воспостави европски систем за управување со цврст отпад. За реализација на овој проект Министерот за финансии Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Средствата се обезбедени од ЕБОР, ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).
Со овие договори Владата обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, приближно 9 милиони евра грант од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и дополнително 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA). Средствата ќе се искористат за воспоставување регионални системи за управување со отпад по европски стандарди – изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Новиот пристап ќе овозможи имплементација на подобро собирање, транспортирање и депонирање на отпадот и изградба на санитарни депонии во согласност со националното и законодавството на ЕУ за депонии. Инвестицијата опфаќа и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање комунален отпад. Дополнително, ќе работиме и на развивање навики и подигање на свеста кај населението за селекцијата на отпадот и придобивките што ги имаат од тој процес”, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини
Ќе бидат опфатени Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион. Со ова Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат значајна промена во управувањето со цврстиот отпад.