Македонија пат и ова година стави забрана за користење на патниот правец кој води низ Галичица
Македонија пат и ова година стави забрана за користење на патниот правец кој води низ Галичица од ресенското село Царина до Трпејца. Иако оваа планина е се попривлечна и за домашните и за странските посетители, таа во зимски услови е тешко пристапна. Наместо државата сите овие изминати години да направи напор и да го санира патот, таа одново и одново става забрана за негово користење.
Охрид се поинтересна дестинација за сите оние кои ги сакаат алтернативните форми на туризам, планинарењето и зимските спортови. Галичица привлечна и за домашните и за странските посетители, но тешко пристапна. И оваа година како и децении наназад Македонија пат стави забрана за користење до 1ви април на патниот правец кој води низ Галичица од ресенското село Царина до Трпејца. По се изгледа ова е најлесниот начин за решавање на проблемот бидејќи патот е руиниран и опасен за користење и тоа не само на зима туку и во летните месеци. Наместо државата сите овие изминати години да направи напор и да го санира, таа одново и одново става забрана за негово користење.
Факт е дека патот е една од пречките која не спречува да имаме поголем проток на луѓе во зимскиот период и со тоа се пренасочуваат луѓето на други места како што се Маврово, Попова шапка иако природните услови на Галичица се подобри. На пример на Попова шапка одат и луѓе кои не скијаат, а одат на рекреативни прошетки, на пешачење на планинарење, вели Антонио Додевски професионален водич на планина.
Уште позбунувачко е што од една страна се забранува сообраќај на овој патен правец, а од друга страна на почетокот на овој пат има знак на кој стои дека патот е прооден до Корита. Па поради ваквите пропусти многупати посетители на Гaличица заглавиле одејќи кон планината па морало да се интервенира и да се спасуваат. Светските трендови на развојот на туризмот многу брзо доаѓаат и кај нас, но многу бавно фаќаме чекор со нив, вели Додевски. Некои податоци покажуваат дека алтернативниот туризам и бројот на гости кои дошле во градов токму поради тоа од пред десеттина години е зголемен десеткратно, а условите се останати на исто ниво.
Се надеваме дека во иднина сите надлежни институции ќе го разберат од една страна потенцијалот, а од друга заканата и ризиците и ќе мора да работат на подобрување на инфраструктурните услови за да може тоа да се одвива безбедно, вели Додевски.
Сезонското затворање на патниот правец Охрид Ресен преку Галичица со години наназад
од Македонија пат го правдаат со економска неисплатливост за негово одржување. Но низ годините имаше и иницијативи и барања овој патен правец да се реконструира , прошири, одржува и да биде ставен во функција и преку зимските месеци во интерес на туризмот и искористување на потенцијалот на Галичица.