Националниот Сојуз за планинско спасување (НСПС) во Охрид (од 25 до 28 септември ) беше домаќин на билатерална инструкторска средба помеѓу инструктори и претставници од инструкторскиот тим на Gorska Reševalna Zveza Slovenije.
-Целта на средбата беше меѓусебно зближување и размена на искуства од процесите за обука на спасувачи во двете земји. Посебно внимание беше посветено на новата типизирана техника за техничко спасување, која од февруари оваа година официјално се применува во Словенија. Овој „револуционерен“ пристап значително ги поедноставува процедурите при интервенции на комплексен терен, со што се намалува потребната опрема, а истовремено се зголемува ефикасноста и безбедноста на спасувачите, целосно во согласност со препораките на ИКАР, информираат од Националниот Сојуз за планинско спасување (НСПС).

Оттаму додават дека новата техника овозможува обуките да се организираат и спроведуваат на поедноставен начин, при што кандидатите за спасувачи во пократок временски период стекнуваат високо ниво на знаење и практични вештини, што директно придонесува за поголема подготвеност и квалитет во реални услови.

Во април годинава беше потпишан регионален договор за соработка од страна на седум спасувачки служби од регионот, а во јули НСПС и ГРЗС го потпишаа и посебниот билатерален договор. Со него, НСПС доби право да ја имплементира новата словенечка типизирана техника во своите образовни и оперативни цели – важен чекор кон реформирање на националниот стандард кој во иднина ќе се применува од сите организации членки на НСПС. Ова ќе овозможи поефикасни спасувачки операции и зголемена безбедност на волонтерите, посочуваат од НСПС.

Средбата инструкторите ја искористија и за зближување преку заеднички теренски активности: работни сесии, качување на карпите во локалитетот за алпинизам на Галичица и добро познатата Виа ферата „Доброја“, како и заедничко искачување на врвот Магаро.

Гостите од Словенија беа сместени во Планинска куќа Спиридон на Галичица и во Оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.
-Изразија искрени пофални зборови за нивниот изглед и функционалност, кои се резултат на трудот и посветеноста на волонтерите од Ohrid red cross – Mountain Rescue Service и Алпинистички клуб Патагонија Охрид, велат од НСПС.