Мал број спасители на охридските плажи
Спасители на вода ќе ги набљудуваат плажите од 1 јули. Ангажирани се спасители на капалиштата пред големите хотелски објекти кои имаат плажи. Процентуално тоа е околу 10 посто безбедни плажи на целото езерско крајбрежје, информира Сашо Точков, претседателот на ОО ЦК . Точков, споделува искуство со патролното покривање на плажите кои останаа без концесионери од минатата година. Најмногу интервенции за спасување патролната служба имало на најпосетените плажи Горица 3 и Орце Николов. Годинава, грижата за безбедноста на капачите на плажи кои немаат концесионери би требало да ја преземе општината, како и лани, претпоставува Точков.
„Со општината не сме разговарале за овој сегмент. Ние сме подготвени да го примениме истиот систем како минатата година со чести патроли од вода и копно со спасители и парамедици. Патроли кои ќе ги посетуваат сите капалишта. Минатата година, функциониравме беспрекорно. Немаше ниеден фатален исход, а имавме 12 интервенции на извлечени давеници“, кажува Точков.
ОО ЦК е подготвена да одговори на барањата за ангажирање на спасителната служба за безбедност на вода. Oд таму препорачуваат, локалната самоуправа, на капалиштата каде што нема постојано ангажирани спасители, да постави табли со ознаки дека нема спасители, а дека има патролни служби, доколку се ангажираат подвижни екипи, вели Точков. Напоменува дека минатата година имале ангажирано 15 спасители кои биле стационирани или патролирале на плажите, но интересот за оваа хумана дејност од година в година оди во надолна линија.
„Бројот на младите кои се пријавуваат за спасители на плажa е се помал. Тоа е проблем заради иселувањето на младите, бараат работа во странство. Навистина има проблем со бројот на спасители. Бројот кој сме го имале пред 5 години достигнувал и до 400, а сега бројот на спасители кои ни се на располагање е двоцифрен“, вели Точков.
Во ОО ЦК во тек е конкурс за обуки на спасители на вода. Младите на возраст од 18 до 35 години кои сакаат да бидат дел од хуманото семејство на спасители на вода имаат краен рок на пријавување до 15 ти јуни. Обуките ќе траат осум дена, а по успешното завршување се стекнуваат со меѓународно признаен сертификат за спасители на вода.