Мал е одзивот за почитување на законската регулатива од Законот за вршење на занаетчиски дејности
Само една третина од занаетчите имаат дозвола за работа и 13 вршители на дејност. Останатите работат на диво, вели претседателот на Занаетчиската комора на Охрид.
Заврши на 1-ви ноември рокот за вадење дозоволи за работа за занаетчиите и вршителите на занаетчски дејности. Според, измените на Законот за вршење на занаетчиска дејност досега само 96 занаетчии од 250 регистрирани во охридската Занаетчиска комора имаат дозвола за работа. Бројот пак, кај вршителите на занаетчиска дејност во Охрид е уште помал. Од 500 евидентирани во Министерството за економија само 13 -мина го испочитувале законскиот рок од 2 годишно прилагодување, вели Сашо Богоески , претседателот на Занаетчиската комора на Охрид.
„Нема вршење на занаетчиска дејност без поседување на дозола. Сите кои од 1 ноември немаат дозвола за вршење на дејност работат на диво и не се усогласени со Законот за вршење на занаетчиска дејност“, напоменува Богоески.
Претседателот на Комората вели дека сите биле навреме информирани за законските обврски за поседување на лиценца за работа. Со таа дозвола им се овозможува на занаетчиите и вршителите на должност достапност до јавните тендери, а на граѓаните им гарантира квалитетно извршени услуги, додава Богоески.
„Комората има право да ја одземе занаетчиската дозвола по упатена поплака на лица или субјекти дека не е соодветно извршена услугата . Може трајно да се одземе дозволата без право да се врши потаму занаетчиската дејност“, кажува Богоески.
Казните за непочитување на Законот достигнуваат висина до 2500 евра. За почитување на регулативата е надележен Државниот пазарен инспекторат.
Инаку, досега во охридската Занаетчиска комора има 22 ново регистрирани занаетчии, а само 7 одјавени.