Skip to main content

Мал интересот за вакцинирање против ковид-19 кај охриѓани

Најчесто се имунизираат со трета бустер доза граѓаните над шеесет години кои имаат хронични болести. Од понеделник, вакциналниот пункт се преместува од Општа болница во просториите на школскиот диспанзер во Маларична наспроти гимназијата.

 |  Валентина Неловска  | 

Драстично опаѓа интересот за имунизација против ковид 19 кај охриѓани. Според податоците на Министерството за здравство Охрид до октомври минатата година, имаше 67 проценти имунизирани граѓани, а сега интересот е намален, информира д-р Соња Мариноска, раководителка на вакциналниот пункт при Здравствен дом Охрид. Д-р Мариноска укажува дека граѓани почесто покажуваат интерес за да примат трета доза во однос на лицата кои сакаат да бидат за прв пат имунизирани.

Најзаинтересирани за вакцинација се повозрасните граѓани. Оние кои се со хронични болести во однос на помладите, каде што интересот е многу намален. И интерес се јавува кај оние кои патуваат, на кои им треба да приложат сертификат за имунизација – вели д-р Мариноска.

Во вакциналниот пункт имунизацијата е со вакцините на Фајзер и за прва доза и за трета, бустер доза. Како одминува времето интересот опаѓа и дневно има помеѓу 40 и 50 граѓани кои се имунизираат. Од понеделник, вакциналниот пункт се преместува од Општа болница во Здравствен дом Маларична.

Обемот на работа се намали, а за да бидеме порационални од економски причини се префрлува вакциналниот пункт. Ќе биде во Маларична во просториите на Школскиот диспанзер наспроти гимназија. Од друга страна ќе бидеме поблиску до граѓаните бидејќи Маларична е во центарот на градот и ќе бидеме подостапни за граѓаните – додава д-р Мариноска.

Пунктот за имунизација ќе работи во една смена од 7:30 до 14 часот од понеделник до петок. Д-р Мариноска апелира граѓаните да се имунизираат за да се заштитат себеси и другите бидејќи засега само вакцината може да ја победи пандемијата.