Малиот плоштад кај мини маркет го чека своето свечено пуштање во употреба
Неодамна истиот доби и соодветно осветлување благодарение на стилските канделабри какви што беа поставени и на пешачката патека кај Студенчишта.
Стилски канделабри, вградени светилки, фонтана, мини амфи театар, клупи за одмор. Малиот плоштад кај мини маркет го доби својот конечен изглед. Се е подготвено за неговото свечено пуштање во употреба. Овој оплеменет простор, не ги остави рамнодушни граѓаните кои секојдневно поминуваат тука, а кои имаа можност и да следат како истиот постепено се градеше. Ги запрашавме охриѓани што тие мислат за изгледот на ова архитектонско решение.
„Добро е, релативно добро е, не е лошо. Само едно му фали, и што фали во целиот град, нема никаде тоалет јавен, а тоа треба да се регулира, луѓето имаат потреба од тоа. Убаво е вака, човек ќе дојде да се одмори, ќе се релаксира, да се гради убаво е.“
„Супер, требаше одамна, петка е, редно беше, не само овој уште многу повеќе во Охридов треба.“
„Преубав е, само порано требаше да се направи инаку прекрасно е, многу е добро, се што се гради е добро, се што е растурено не чини.“
„Одличен е.“
„Супер, во секој случај е добро.“
„Убаво, се што се прави е убаво, се што се гради е убаво, баш живееме во ова маало, блиску ни е, одлично.“
„Да, ми се допаѓа, но мислам дека треба барем тротоарите и улиците прво да се средат.“-рекоа дел од нив.
За малиот плоштад да дава и еден уметнички впечаток, се погрижи познатиот охридски уметник, Никола Упевче, кој го изработи мозаикот кој е поставен на самата фонтана, а кој во моментов е прекриен со цел да биде соодветно изненадување за охриѓани. Инаку според најавите, свеченото ставање во употреба на плоштадот се очекува да биде на Денот на независноста, 8ми Септември.