Skip to main content

„Пеколна комедија: Исповеди на серискиот убиец“

Малкович со Исповедите на сериски убиец, најексклузивниот настан на Охридско лето

Актерот Џон Малкович, пристигна во Охрид. Американската филмска ѕвезда со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија е најексклузивниот гостин кој ќе се запише во списокот на најголемите уметници кои настапиле низ историјата на „Охридско лето“.
Џон Малкович Пресс

Утревечер на сцената на Античкиот театар, несомнено еден од културните настани кој ќе го одбележи годинешното издание, на фестивалот „Охридско лето“, е претставата „Пеколната комедија: Исповеди на серискиот убиец“ , со американскиот актер Џон Малкович во главната улога. Огромна e заинтересираностa за настанот буквално од целиот свет. Токму Џон Малкович е една од ѕвездите која ќе ја испише фестивалската историја, а кои заблескале на фестивалската сцена, истакна Бисера Костадиновска Стојчевска,  Министерка за култура на Македонија.

„Уверена сум дека утрешната вечер ќе остави силен впечаток во меморијата на Охридско лето кое остава простор во меморијата на светската уметност, а има ли поубав простор за тоа од Антички театар.“ – изјави министерката Костадиновска Стојчевска.

Претставата или сценската изведба, зборува за австрискиот сериски убиец Џек Унтервегер, кој е во затвор заради серија на убиства, каде станува поет и писател, отслужуваќи ја казната. Тоа доведува критичарите да го сакаат, а на крајот да го помилуваат, тврдејќи дека за интелектуалците и политичарите тој е „пример за рехабилитација“. Слободен, Унтервегер станува новинар и баран предавач, но и повеќекратен убиец. Фатен и повторно осуден си го одзема животот. Оваа претстава ги спојува Малкович, оркестарот на Виенската академија, како и два прекрасни сопрани Чен Рајс и Сузан Лангбејн кои преку музика ги отсликуваат бесот, тагата и желбата за освета за жртвите. Според многумина оваа претстава може да се нарече и нов жанр.

„Претстава која што својата драматуршка структура и емотивна архитектура ја гради врз две спротивности. Комедијата и психолошката драма. И додека публиката мисли дека е заловена во една таква комична атмосфера, на сцената започнува еден вистински пекол, придружен со оркестар и силни сопрани .“ – кажа Сања Арсовска – селектор на драмската програма на Охридско лето.

 „Пеколна комедија“ може да се гледа и како предупредување и како опомена. Од една страна, општеството на Унтервегер му се додворува и го слави, и покрај тоа што сторил ужасни работи. Од друга страна, сер го поставува прашањето: Зошто на еден убиец би му била овозможена привилегијата на помилување. Па, според тоа, делото можеби зборува повеќе за општеството, отколку за самиот Унтервегер.

„Мислам дека станува збор за театарско дело кое секогаш ќе биде релевантно. Затоа што насилството отсекогаш било меѓу нас и ќе биде меѓу нас. Нашето општество во основа е засновано врз идејата за откупување, од една страна, а од другата страна е идејата за заштита на било кој дел од населението, кое е ранливо и подложно на насилство. И во оваа театарска претстава тие две идеи се наоѓаат во еден масивен и дректен конфликт.“ – кажа Малкович.

Обожавателите на овој познат актер ќе имаат несекојдневна можност за уживање во неговата брилијантна ексцентричност, но целосната чистина која се согледува со неговиот настап во „Пеколна комедија“, која пак несомнено е возбудливо дело на театарот. Токму поради тоа, утревечер, од дирекцијата на „Охридско лето“ очекуваат максимална посетеност на овој единствен културен настан.

„Утревечер на Антички театар, ќе седнат повеќе од 2,5 илјади луѓе. Продадени се многу карти. Како што кажав, од регионот има многу голема заинтересираност. Ги наведов земјите, Бразил, Холандија, САД, Франција, скоро сите амбасади.„ – кажа Наташа Пововиќ – Директор НУ Фестивал „Охридско лето“.

Џон Гавин Малкович е американски глумец, продуцент и режисер. Роден е на 9 декември 1953 година во Кристофер, (Илиноис). Неговите дедо и баба по таткова линија биле Хрвати, а мајка му имала шкотско и германско потекло. Малкович најпрво се прославил на театарската сцена, а во 1999 година се игра себеси во филмот „Да се биде Џон Малкович“.  Во својата кариера тој имал две номинации за наградата „Оскар“, и тоа за улогите во филмовите „Места во срцето“ и „На линијата на огнот“, како и номинации за награда од Британската филмска академија и три номинации за наградата Златен глобус. Има настапувано во повеќе од 70 филмови.