Skip to main content

Малолетниците што вандализираат јавни добра да вршат општокорисна работа

Малолетниците што вандализираат јавни добра да вршат општокорисна работа. Заедницата на единиците на локална самоуправа ја прифати оваа иницијатива на Општина Центар.
 |  инфодеск  | 

Вандализмот зема замав во сите општини. Охрид не е поштеден од уништување на јавните добра. Искршени клупи во парковите, канти за отпадоци, вандализирани детски игралишта, споменици. Ова е сериозен проблем што бара итна реакција.

Во таа насока, Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) едногласно ја усвои иницијативата предложена од Општина Центар за меѓуинституционална соработка и воведување општокорисна работа за малолетни сторители на вандализам. Малолетните сторители мора да се соочат со соодветни мерки, а одговорноста ја делат и нивните родители, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Иницијативата предвидува измени на Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел воведување општокорисна работа како мерка која ќе спречи вандализам и ќе придонесе кон ресоцијализација на малолетниците. Дополнително, се предлага и разгледување измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции, за да се обезбеди правна рамка која ќе ја вклучи и одговорноста на родителите преку заедничка општокорисна работа.

За спроведување на иницијативата ќе се формира стручна работна група составена од Владата, ресорните министерства, центрите за социјална работа, училиштата и невладините организации. Целта е да се креираат ефикасни законски решенија и да се спречат потешки последици од ваквите негативни појави, соопшти Општина Центар.