Манасков : Ќе дадеме се од себе и ако ни се укаже шанса да изненадиме
Продолжува вообичаениот ритам во ракометната Супер лига. Во спортската сала „Билјанини извори“ утре ракометарите на Охрид го пречекуваат фаворитот Еурофарм Пелистер. Охридските ракометари ветуваат дека нема да излезат со бело знаме и ако им се укаже шанса против големиот ривал дека ќе ја искористат.
По лесната победа во минатото коло над екипата на Скопје, во Охрид утре доаѓа вториот фаворит во суперлигата Еурофарм Пелистер. Битолчани имаат подобар ростер на играчи и е една од двете екипи во Македонија кои со право можат да сметаат на бодови во Охрид. Нивната игра најмногу зависи од средниот бек Периќ, покажале видео анализите на стручниот штаб, па скроена е тактика со која гладијаторите се надеваат дека ќе можат пријатно да изненадат.
Еурофарм има доста квалитетни и искусни играчи. Тие се фаворити на овој натпревар. За нас тоа е голем мотив и плус за напредување како екипа. Напорно се подготвуваме за овој натпревар оваа недела, гледавме видео анализа. Немаме што да изгубиме на овој натпревар, ќе дадеме се од себе и ако ни се укаже шанса да изненадиме. Се надевам дека публиката ќе гледа добар ракомет – изјави Мартин Манасков.
Манасков е задоволен од резултатите по првите 5 кола, но потенцира дека екипата треба уште да напредува бидејќи им престојат дуели со поквалитетни противници на кои ќе се покаже вистинската сила на ГРК Охрид.
Отсекогаш една од најсилните страни на охридските ракометари е публиката која оваа година, за жал, не ја полни салата во „Билјанини извори“.
Интересот пред и после пандемијата е значително опаднат за ракомет. Сеуште постои страв кај луѓето. Очекувано беше да имаме олкав број на гледачи. Мерките се почитуваа, се се одвива според протоколите кои се пропишани од комисијата за заразни болести. Оваа година ќе биде едно повторно навикнување да се присуствува на натпреварите, на сите спортски натпревари ширум Македонија – изјави Горан Недески, спортски директор на ГРК Охрид.

Недески напоменува дека се планира ростерот да се засили со уште еден голман, но за тоа се чека јануарскиот трансфер период. Натпреварот на ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер е закажан за сабота во 19 часот.