Skip to main content

Манастирскиот комплекс Св.Спас во Г.Лакочереј привлечна дестинација за туристите од Источна Европа

Новоизградените конаци на манастирот нудат одлични услови за сместување, додека природата во која е изграден Св.Спас е вистински рај за сите посетители.

 |  Мишел Наумоски  | 

Се поголем број на туристи престојуваат во новоизградените конаци на манастирот „Св.Спас“ во Горно Лакочереј. Прекрасната природа, мирот, тишината, пејсажите, но и убавиот манастирски комплекс се чини би привлекле секого барем за момент да дојде и да ужива во несекојдневни глетки. Се повеќе туристи се чини дознаваат за ова прекрасно место, а голем удел во тоа имаат и луѓето од црковниот одбор на манастирот „Св.Спас“ кои изминатиов период вложија напори за промоција на манастирскиот комплекс пред странските туристи.

„Туристи има од секаде. НИе повеќе внимание посветуваме на рекламирање на манастирот, годинава пред празникот изработивме и рекламни флаери, кои што флаери ги поделивме по туристичките агенции и можеби тоа е и причината зошто имаме такви гости, сега посебно се фокусираме на туристите од источна Европа, оној православен свет, Русија, Белорусија, односно поранешниот Советски сојуз, затоа што тие покрај туристичкиот аспект тие тука доаѓаат и од верски причини затоа што и тие се православни христијани и го разбираат значението на ваквите храмови.“-вели Александар Крстев-црковен одбор на манастирот „Св.Спас“.

Во манастирскиот комплекс затекнавме и двајца наши печалбари кои одамна го напуштиле охридскиот крај и заминале во странство. Иако не се буквално странски туристи, сепак тие долги години па и децении не стапнале во Горно Лакочереј. Велат дека местото е потполно изменато на подобро, но и дека топло ќе го препорачаат кога ќе се вратат едниот во Австралија, другиот во Германија.

„Сакам да пренесам во Австралија на сите наши како е изменато овде, како е направено многу напредок. Последниот пат бев пред 21 година и ова нешто многу ми се допаѓа.“

„Јас сум во странство, во Германија. Дојдов овде и добро се чувствувам.“

Манастирскиот комплекс „Св.Спас“ нуди прекрасни можности за одмор и развој на манастирскиот туризам. Конаците во Св. Спас оддалечени на само 7 км од Охрид, се нови и сеуште непознати за пошироката јавност. Конаците се во дворот на црквата „Св Спас“ која според некои податоци датира од 14 век. Опкружени се со прекрасна шума и убаво среден двор,  а  на располагање се 7 луксузно опремени  апартмани, сала за состаноци и  современо опремена трпезарија и кујна  за органзирање на разни свечености за стотина луѓе.