Skip to main content

ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св Стефан“ Охрид

Манолева: Развојот и успешноста на Специјализираната болница за кардиологија „Св Стефан“ е обврска за министерството да ја следи и поддржува

Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св Стефан“ Охрид е институција за пофалба, со целокупниот тим кој дава здравствени услуги на голем број пациенти од целиот Југозападен регион , а притоа воведува нови дијагностички процедури. Ова го истакна заменик министерката за здравство Маја Манолева која денеска беше во посета на болницата. На средбата со директорката на болницата, Д-р Елена Коваческа Башуроска во фокусот биле потребите на оваа здравствена установа во поглед на опрема и просторни капацитети.
 |  Маја Савиќ  | 

ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св Стефан“ Охрид се грижи за кардиолошките пациенти од Југозападниот регион и истовремено прераснува во референтен центар за обука на лекари за интервентни процедури. Целиот тим на институцијата е за пофалба коишто 24 часа, 365 денови во годината се на располагање на пациентите, а притоа болницата посветено работи и на воведување нови дијагностички процедури, истакна заменик-министерката за здравство д-р Маја Манолева при денешната посета на кардиолошкиот центар. Додаде дека сето тоа за Министерството значи поголема одговорност, повеќе и посериозно да ги следи и да се размислува за ваквите институции кои бележат раст и резултати.

„Тоа ни дава задача дека Министерството за здравство треба да размислува и да одговори на барањата на институцијата, дека оваа институција треба да се развива со уште една ангиографска сала и ангиограф. Барањата од институцијата се стигнати во министерството за здравство и се надеваме дека во наредниот период ќе можеме позитивно да одговориме на се она што се бара поради реалните потреби на нашите граѓани односно пациентите.“ – изјави Манолева.

Болницата покрива регион со 350 000 жители. Таа е голем здравствен систем со огромен број на услуги којшто бара поддршка од Министерството за здравство во делот на опрема и просторни услови за што подобро функционирање, истакна директорката на болницата, Д-р Елена Коваческа Башуроска. Таа посочи дека нова ангиосала, за којашто доставиле идеен проект, во моментов е нивна најитна потреба што е од огромно значење за кардиолошките пациенти.

„Со уште една ангиосала и уште еден ангиограф би се намалила листата на чекање на пациентите, но исто така би значело бекап како резервен апарат бидејќи знаеме години наназад се случуваше во неколку наврати дефект на апаратот па пациенти беа препраќани на клиниката за кардиологија, а одложувани беа елективните пациенти за елективни ангиографии што е голем проблем.“ – изјави Коваческа Башуроска.

Планска цел на институцијата е развој на нови дијагностички и тераписки процедури за што се потребни просторни капацитети .

„Не се откажуваме од проектот за развој на Регионален центар за акутен мозочен удар заедно со капацитетите на другите здравстевени институции во регионот за да се создаде мрежа за акутен мозочен удар која ќе го покрива Југозападниот регион.“ – истакна Д-р Коваческа Башуроска.


За реализација на овој проект за третман на акутен мозочен удар со перкутана интервенција, од Кардиолошкиот центар подолго време се надеваат на добивање на оперативни сали во новиот објект на ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Заменик министерката Манолева информира дека во тек е постапка за преземање на објектот од страна на Министерството за здравство.

„Се финишираат сите законски барикади кои ги имавме во минатиот период такашто се надевам дека за многу брзо ќе имаме некакви конкретни точни информации за комплетно превземање на објектот од страна на Министерството за здравство. Сметам дека последната гарнитура во рамките на министерството презема сериозни чекори во однос на капиталните објекти, кои беа планирани и застанати. Тука ги вбројувам Клиничката болница во Штип, Болницата во Кичево и овој објект во Свети Еразмо, кој се надевам дека во близок период ќе имаат навистина точна завршница и ќе може да знаеме што понатаму со сите тие објекти.“ – кажа Манолева.

Со поддршка од Министерството за здравство, во 2019 година во болницата „Св Стефан“ во Охрид започна да работи Одделот за електростимулација за имплантирање на пејсмејкери со што станува вториот референтен центар за таа процедура во државава. Минатата година беше набавен најновиот современ ехо апарат за ехо кардиографија и беше инсталиран нов ангиограф. Во тек е реконструкција за енергетска ефикасност на објектот, финансирана со грант од Швајцарската амбасада преку Министерството за локална самоуправа во вредност од 350 000 евра. Во болницата секојдневно се извршуваат преку 120 специјалистички прегледи, преку 50 ехо-кардиографии, над 40 стрес тестови, исто толку доплери, додека пак годишно се изведуваат преку 2500 интервентни процедури .