Skip to main content

Марко испиша уште еден историски успех

Чудото од дете, Марко Пејчиновски викендов испиша нов историски успех. По речиси 22 часа пливање успеа да мине неверојатни 64 километри во Охридското езеро пливајќи вдолж и попреку на релација Охрид-Струга-Свети Наум-Охрид. Успехот на Марко е дотолку поголем бидејќи поради здравствени проблеми инфаркт на коска на долните екстремитети, тој плива само со раце.
 |  инфодеск  | 
Марко Пејчиновски

Шестнаесетгодишниот, Марко Пејчиновски од Охрид е пливачки херој, кој испиша уште еден историски усех. Викендов, по речиси 22 часа пливање успеа да мине неверојатни 64 километри во Охридското езеро пливајќи вдолж и попреку на релација Охрид-Струга-Свети Наум-Охрид.

Тој започна со пливање саботата, нешто пред 12 часот напладне, а неделата пред 10 часот пристигна на охридското пристаниште.

Аплаузите и повиците од насобраните граѓани го кренаа од водата и успеа со кренати раце да ги отпоздрави. Овој негов подвиг Марко го посвети на неговата прерано почината мајка.

Како се чувствуваш? Супер, супер но уморно. Што беше твојот мотив? Да си ја оправам грешката од 2019 година. Друга мотивација:? Да, мајка ми. Која делница беше најтешка? Сите беа подеднакво тешки – вели Марко Пејчиновски.

Марко Пејчиновски

Пливаше преку ден и ноќ, под сонце и месечина, следен од неговиот тим и официјални набљудувачи кои го верификуваа подвигот. Со ова Марко ги комплетира најавените 10 препливувања на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, нешто што досега никој го нема направено.

Успехот на Марко е дотолку поголем бидејќи поради здравствени проблеми инфаркт на коска на долните екстремитети, тој плива само со раце.

Марко пред три години направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тогаш, тој беше најмладиот пливач кој ја препливал таа релација, со што влезе меѓу легендите на пливачкиот маратон.

Новинар : Соња Рилковска