Машините за сечење дрва ќе заминат во историјата
Машините за сечење дрва ќе заминат во историјата. Тоа ќе се случи доколку надлежните продолжат со ригорозните глоби, реагираат охридските сечачи на дрва.
Висока глоба од 500 евра заработија некои од охридските сечачи на дрва. Тие се крајно револтирани од односот на институциите кои брцнаа во нивниот и онака плиток џеб. Од 50 луѓе кои со машина за сечење дрва заработуваат за живот, малкумина се охрабрија јавно да проговорат за нивната незавидна состојба. Ибраим Али вели дека не се престапници и не бегаат од обврските кон државата. Додава дека во денешно време 500 евра се голема сума на пари и тие не можат да ја платат, бидејки и не заработуваат толку.
„Тие 500 евра ние сиромасите кај да ги најдеме, како прво не сме вработени, социјална помош не земаме, чекаме на оваа машина ако извадиме некој динар добро ако не пак добро, куп сметки не чекаат дома да ги платиме“.
“Тежок е нашиот живот, од оваа машина дома чекаат седум гладни усти”, вели Мето Челик, кој веке 40 години работи со машината за сечење дрва. Тој не памети досега ваков однос и пристап на УЈП, вели дека не се престапници и можат да одвојат некој денар како паушал како обврска кон државата, бидејќи нивната работа била сезонска.
„Ако треба нешто да се плати ќе платиме сите заедно, а не 5 души да платат а 50 да се кријат. Присилно ни дојдоа со полиција не запишаа и не казнаа со 500 евра глоба“
Доколку се продолжи со политиката на високи глоби на надлежните кон луѓето кои работат со машина за сечење на дрва, тие најавуваат радикални мерки па дури и штрајк. Поточно нема ниту еден од нив да излезе на повик на охриѓани да ги сечат дрвата за огрев, кои како што е познато кубицирани на камион завршуваат на улица, што пак согласно законот не е дозволено. Охридските сечачи бараат разбирање од надлежните и не бегаат од обврска. воедно ја бараат поддршката од јавноста, бидејќи ќе нема кој да им ги исече дрвата на сите оние кои го користат дрвото како огревен материјал.
Сообракајната полиција освен условно предупредување за прекршоци во сообраќајот, нема преземено кон нив никакви санкциони мерки, велат од СВР Охрид. Портпаролот Стефан Димоски изјави дека тие делуваат доколку од нив се побара асистенција од други субјекти како што е во случајов УЈП. Побаравме одговор од УЈП, но со оваа служба не успеавме да стапиме во контакт, бидејки телефоните не функционираат. Од Управата во Битола пак, не одговорија на нашите телефонски повикувања.
{loadposition content9}