Масло и путер од лешник МИА
Ладно цедено масло од лешник и путер од лешник од охридскиот бренд МИА веќе стануваат добро познати на пазарот како здрави органски производи од локално поднебје без никакви вештачки додатоци. Станува збор за една успешна бизнис приказна на охриѓаните Билјана и Саше Стефаноски која започнала сосема случајно со читање на интернет за модерните трендови со здрава храна.
Пред 8 години овој пар, медицинска сестра и јавен службеник, без никакви претходни допирни точки со производство на храна, рекреативно ја насадиле првата плантажа со лешници. Немале намера за нивна понатамошна преработка, но контактот и краткиот престој во Србија бил инспирација за создавање на бизнис планот и палетата производи од брендот МИА.
По случајно пребарување по социјални мрежи ни излезе ладно цедено масло од Србија и ни даде идеја да го започнеме нашиот бизнис. Стапивме во контакт со луѓето од Србија, бевме нивни гости неколку дена и тие ни го пренесоа нивното искуство – изјави Билјана Стефаноска.
По едуцирање, совладување на вештините и целосниот процес на производство го започнале родот од околу 200 млади садници лешник од сопствените насади да го претвораат во квалитетни и здрави производи со голема нутритивна вредност, богати со витамини и микроелементи. Ладното цедено масло од лешник преработено на температура до 45 степени и путер кој е 100% чист лешник се пласираат низ маркетите и аптеките во Охрид, а ги нудат и преку социјалните мрежи. Маслото се користи во секојдневна употреба во исхраната, како додаток во салати, смути, готови јадења.
Најдобра примена би имало по една кафена лажица, за покачување на имунитет прочистување на крвни садови, 5.10 спречува развој на канцерогени млаигни клетки, за прочистување на црн дроб, има многу големи здравствени придобивки како што лешникот е многу здрав и се употребува во секоја диета – вели Стефаноска.
Билјана смета дека треба почне да се размислува за проширување на пласманот надвор од Охрид и надвор од Македонија. А исто така најавува проширување на бизнисот, нови насади и нов продукт, а тоа е брашно од лешник за што во моментот ги комплетираат документите, сертификати и испитувања од институтот за храна при ветеринарниот факултет во Скопје.