Skip to main content

Бог се јави

Масовно и свечено празнување на Богојавление Водици во Охрид

29 годишниот Никола Јакимоски го извади чесниот крст од осветените води на Охридското Езеро. И годинава во Охрид масовно и свечено се одбележа големиот христијански празник Богојавление Водици со присуство на илјадници верници од градот, државава и гости од регионот.
 |  Маја Савиќ  | 

Никола Јакимоски е среќниот фаќач на Светиот крст во осветените води на Охридското езеро. Тој беше најсреќен меѓу неколку стотини капачи кои утрово на 8С температура на водата и воздухот, влегоа во студените езерски води.  29 годишниот Никола кажа дека по чесниот крст на Богојавление скока од својата 15та година.

„Како и секој капач имав огромна желба да го фатам крстот и ете оваа година моја беше среќата Секогаш е тешко да се капиш во ладни води но желбата да се фати крстот е поголема од тешкотиите. Посакувам здравје, среќа, напредок на сите полиња, љубов, убајни, свадби и дечиња. “ – изјави Јакимоски.

Традиционално, фаќачот на крстот беше даруван со златен ланец со крст  од Владиката дебарско-кичевски г. Тимотеј, а градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков му подари осветена икона и крст изработен во филигран.

„Посакувам здравје, среќа и успех не само на фаќачот на крстот туку на сите охриѓани и на цела нација, посакувам просперитетна 2024 година затоа што друга опција и татковина немаме. – кажа градоначалникот Пецаков.

Покрај охриѓани меѓу капачите имаше и групи млади луѓе од други градови, кои организирано дошле токму во Охрид да влезат во осветеното езеро за здравје, но и да си ја испробаат среќата да го фатат чесниот крст.

„Јас сум Бобан Цапевски од Битола. Ова ми е втор пат како скокам по крстот во Охрид. Им посакувам на сите среќа. Бог се јави. Водата за разлика од лани беше потопла, лани имаше многу бранови“

„Пред се скокаме за здравје и среќа со верба во Бога. 5-6 души се фрлавме по крстот, втора година по ред во Охрид. “ – изјави 19 годишен битолчанец.

Илајдници верници и годинава беа дел од најмасовната црковно народна манифестација во земјава Богојавление Водици во Охрид. За се да помине во најдобар ред, на копно и во вода, се грижеа бројни тимови на Црвен крст Охрид, нуркачките клубови од градот и тим од Брзата помош.

„ Се помина во најдобар ред. Имавме две помали интервенции на извлекување на две деца коишто беа премрзнати и неколку интервенции на медицинските екипи на посекотини но ништо посериозно. Благодарност до сите што достоинствено и одговорно се однесуваа за се да помине во најдобар ред барем според оние информации кои ги имаме досега.“ – изјави Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.

Во склоп на верскиот дел од чествувањата точно на пладне на Сараиште, се одржа и масовно крштевање во осветените езерски води. За бројните верници и гостите кои во Охрид го прославуваат големиот христијански празник на плоштадот општината организира концерт на групата „Некст тајм“.

Празнувањата на Водици во Охрид продолжуваат и утре со „Денот на рибарите“ на празникот посветен на Свети Јован Крстител. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста „Сараиште“ а и оваа година ќе се служи греана ракија и вино.