МЦО организираше уште еден успешен Саем за образование и кариера
Денеска во Охрид по четврти пат се одржа Саемот за образование и кариера, во организација на Младинскиот центар. Станува збор за настан што претставува единствена платформа од ваков тип во државата, насочена кон поддршка на младите при изборот на нивното образование и кариерен пат. Саемот го посетија голем број ученици од основните и средните училишта од Охрид и Струга, што го прави особено значаен за локалната заедница.
На уредени штандови своите образовни насоки ги претставија ученици и професори од четирите средни училишта од Охрид. И понатаму продолжува трендот на зголемен интерес за стручните училишта.
„Редовно участвуваме на овие саеми за образование. Редовно правиме отворен ден во нашето средно училиште. Интересот од страна на основците е огромен. Може значи да видите по самите последниве конкурси е зголемен бројот на ученици. Особена желба имаат децата за стручното образование, бидејќи сега имаме веќе и дуални паралелки. Скоро сите паралелки ни се дуални, па имаме соработка со големите компании и со некои помали компании, но, битно децата земаат стипендии и од државата, земаат стипендии и од работодавците. Со тоа мислам дека е и зголемена желбата на децата, мотивацијата за нивнотообразование да го продолжат во нашиот стручен центар. Имаме струки електро, машинска струка, сообраќајна, лични услуги и имаме голем број на деца. “– изјави Александра Настоска Николоска од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид.

„Имаше преголема заинтересираност од основните училишта и имавме навистина можност да презентираме многу мал дел од она што нашето училиште може и нашите ученици значи умеат и што всушност ни презентираат образовните профили коишто ние ги имаме во рамките на нашето училиште. Дуалното образование е тренд во последниве неколку години и можам да кажам дека затоа што ние сме регионален центар, навистина имаме огромна заинтересираност од основните училишта, од Прилеп, од Битола, од Кичево, од Кавадарци, од Охрид исто така, коишто се сместуваат во нашиот интернат којшто е во склоп на самото училиште и навистина го поддржуваат сето она што ние сакаме да им го пренесеме и да го нели да го да го усвојат. “- изјави Емилија Карафилоска од РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид.


„Па денеска имаше доста посетители, имаше многу на нашиот штанд за медицина. Исто така имаше на дигитален маркетинг на нашиот смер. Мислам дека дигитален маркетинг е најатрактивен, пошто е многу поактуелно сега тоа, онлајн продажби, креирање логоа, реклами, мислам дека повеќе ги интересира тоа сега младиве. Позаинтересирани се учениците да учат стручно училиште, за разлика од основни предмети. Мислам дека позаинтересирани се за стручни предмети сега. “– изјави Стефанија Речковска, матурантка во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.

„Како и секоја година, така и оваа година сме дел од Саемот на образование. Нашата цел е да ги информираме учениците кои се нивните можности со гимназиското образование, бидејќи сметаме дека се на една возраст од петнаесет, шеснаесет години, каде сe уште не се свесни, односно сигурно не се сигурни во својата идна професија или патот кој што сакаат понатаму да го одат. Целта е да им се укаже на тоа дека токму гимназиското образование е она општо образовано, коешто нуди голема разновидност на предмети, значи општествени и природни науки, уметности, јазици, сe со цел да си се увидат самите, да си се пронајдат во тоа, да имаат време до крајот на гимназиското образование, за да се насочат токму кон тоа што го сакаат. “ – изјави Кристина Танеска, педагог во ОУ „Свети Климент Охридски“.

На саемот годинава беа присутни 16 високообразовни институции од целата држава.
Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети апостол Павле“, како специјализиран универзитет во областа на информатичките науки, во рамките на своите пет факултети нуди современи студиски програми усогласени со потребите на пазарот и најновите трендови. Интересот за овие студии континуирано расте, поради зголемената побарувачка за ваков кадар.
„ Нашите студентски програми се современи. Нудиме, значи, програми коишто се од областа на програмирањето, компјутерските науки и инженеринг, како и апликативни студентски програми. Пред се, ние сме единствен универзитет во Република Македонија којшто нуди студентска програма од областа на вештачката интелигенција и роботика и интересот за студирање на студенти на тој факултет, значи, е огромен. Понатаму, исто така нудиме и специјализирани студентски програми на факултетите како што се за сајбер безбедност, понатаму за мултимедија и анимациска техника, дигитална бизнис аналитика, така што информатичките науки на нашиот универзитет се присутни во секој оној аспект којшто современиот начин на живот го бара.“– изјави деканката на Факултетот за компјутерски науки и инженеринг, Јованка Дамовска Секулоска.
Машинскиот факултет во Скопје нуди десет студиски програми, од кои особено актуелни се енергетските насоки, во контекст на актуелните глобални случувања со енергетската криза. Покрај нив, интерес кај студентите привлекуваат и поновите насоки како мехатроника и индустриски дизајн.
„Денеска покажаа голем интерес, поготово средношколците од општата гимназија од Климент Охридски, тие повеќе покажаа интерес. Дечките што се со стручно образование од ОЕМУЦ тие се повеќе насочени кон програмирање, сакаат да одат на финки или на електро. Ние имаме еден смер што е во врска со тоа, што има програмирање во него повеќе хардвер мехатроника, атрактивен смер. Секоја година полниме квота до даска за мехатроника, така да атрактивни смерови нудиме, ви кажувам, иако во последните десетина години енергетските смерови некако се изгуби интересот за тие смерови енергетски што се, допрва ќе биде бум за тие енергетски смерови, така да им препорачувам на младите убаво да разгледаат што е сега актуелно и со среќа за запишување.“- изјави Доцентот Александар Герасимовски од Машински факултет Скопје.

Раководителот на Младинскиот центар – Охрид, Јован Цветкоски, вели дека саемот kako единствен од ваков тип, кој четири години по ред обединува голем број факултети и средни училишта од Охрид и околината секоја година расте во обем и веќе се размислува за проширување.
„Можам да кажам дека сме задоволни годинава и секоја година, бидејќи според бројката што е од училиштата и од младите кои што доаѓаат е доста посетен настан. Секоја година меѓу триста и петсто млади луѓе поминуваат на овој настан. Секако дека сакаме уште повеќе секоја година доколку е можно и ете и по некои сугестии ќе земеме, можеби ќе треба и да се прошириме и за просторот за в година и повеќе да можеме и факултети и институции да ставиме на едно место.“ – вели Цветкоски.

На саемот учествуваа и претставници на Агенцијата за вработување и Асоцијацијата на кариерни советници, кои обезбедуваат кариерно советување и директни информации за можностите за образование и вработување. Годинава, Коалицијата на младински организации СЕГА го промовираше и новиот проект за можности за млади.


