Мечка со мало мече прави пустош врз пчеларници во охридско
Речиси три месеци сопствениците на пчеларници на просторот од Горица до Свети Стефан, се жалат дека мечка ги уништува нивните пчелни семејства. Покрај тоа тие укажуваат дека мечката која најверојатно има мало мече може да е агресивна и да ги нападне луѓето што живеат во населбата Шипокно или рекреативците.
Покрај тоа што ги уништува пчеларниците мечката претставува потенцијална опасност и за луѓето, бидејќи токму по оваа патека се движат граѓаните, но и учениците од населбата Шипокно кои учат во училиштето во Рача, како и голем број рекреативци.

Од увидот што го направивме на самото место има различни отисоци од траги. Има и поголема и помала трага што укажува дека може да е и помала мечка со неа, значи две се и нејзиното присуство со помало мече таа е поагресивна и е поопасна за луѓе и деца – изјави Благоја Алач-пчелар.

После зимскиот период на хибернација, овие животни излегуваат во природата која на пролет е и сиромашна со плодови па гладот за овие животни е основен двигател. Според зборовите на Благоја Алач на 24 март, 3 и 5 април мечката уништила 12 негови пчелни семејства, а штетите се далеку поголеми ако се имаат предвид другите пчелари. Алач додава дека ваков сличен случај имало и пред две години, но не со толку голема штета.
Просторот има и други пчелари и нивните пчелни семејства се целосно уништени. Досега по сознанијата кои ги имаме преку 200 пчелни семејства на просторот од Горно Коњско до Горица мечката ги има уништено – вели Алач.

Пчеларите побарале помош од Националниот Парк „Галичица“, од каде што им е укажано дека тие немаат можност за успивање и дислокација на дивото животно. Праксата во земјава досега покажала дека доколку пчелните семејства се уништени од диви животни, како на пример од мечка која е со закон заштитено животно, пчеларите треба по судски пат да бараат обештетување од настанатите штети.
Од Министерството за земјоделство, досега нема никаков одговор за отстранување на мечката од овој простор. Единствено од подрачната единица на Министерството е извршен увид за процена на штетите, но тоа не го решава проблемот.
