Мечки ги пустошат пчеларниците во охридскиот регион. Се почести се нападите на планината Галичица, но и во реонот на Дебарца, особено во селата Вапила и Сирула.
Пчеларите велат, мечките се намножени во голем број и потребно е итно преземање на мерки за дислокација и намалување на популацијата, бидејќи штетите кои ги трпат се огромни.
„Пред една недела имаве напад на два пчеларници од ист пчелар, на кого му беа уништени 37 пчелни семејства. Тоа грубо пресметано по 100 евра на пчелно семејство е штета од 3700 евра. Штетите кои ги предизвикуваат се огромни, ние народски кажуваме мечката ги напаѓа пчеларниците за медот, меѓутоа медот неа и е спореден производ за засладување, основното е леглото ларвите кои содржат висок процент на протеин“, вели Наум Трпчески претседател на Здружение на пчелари Охрид.
Мечките го јадат медот и ги уништуваат пчелните сандаци. Од лани државата наложи пчеларниците да бидат оградени со електрична оргада, во спротивно нема да врши обештетување.
„Системите на електрична ограда се од голема помош меѓутоа и тие под одредени околности може да затаат, така да не треба да бидат исклучени од обештетување. Дел од пчеларите оние кои се бават попрофесионално имаат поставено бидејќи штетата од мечката може да биде голема да не може да ја покрие ниту половина од она што ќе се земе како обештетување од државата“, додава Трпчески.
Изминатата година во охридскиот регион мечки уништиле околу 300 пчелни семејства, нанеле штети од околу 30 000 евра.
Новинар Соња Рилковска