Мечките ги пустошат пчеларниците

Во потрага по храна, мечките влегуваат во пчеларниците и зад себе оставаат уништени кошници и пчелни семејства. Пчеларите велат дека проблемот не е нов, но годинава последиците се чувствуваат уште повеќе.
Приносите од мед се намалени, а со тоа и резервите во кошниците. Кога нема доволно храна, мечката не се задржува само на едно пчелно семејство. Во потрага по храна продолжува понатаму и може да уништи повеќе кошници.
За пчеларите тоа значи загуба на пчелни семејства, дополнителни вложувања и неизвесност дали и колку од загубеното ќе можат да надоместат.

„Да, како и изминатите години, и оваа година неизбежни се штетите од дивечот, особено од мечките кои ги напаѓаат пчеларниците. А со оглед на тоа што сандаците се празни оваа година, нема мед, дури пчелите немаат ни зимни потреби. Дивечот прави огромни штети, бидејќи не може да се засити. Кога пчелните семејства се полни со мед, мечката си има едно семејство и ги задоволува нејзините потреби за храна. Меѓутоа, кога нема, продолжува понатаму, на пет-шест семејства, додека не се засити.“-вели Наум Трпчески, Претседател на Здружение на пчелари „Охрид“.
Заштитата со електрични огради засега се покажува како едно од решенијата. Но, пчеларите бараат поголема поддршка и посериозен институционален пристап.
„Единствено решение е заштитата со електрични огради и тука би напоменале дека и државата треба малку посериозно да се позанимава со нашиот проблем, бидејќи индиректната корист која ја имаме од пчелите е многукратно поголема, бидејќи од нас, пчеларите и пчелите зависат и приходите од останатите земјоделски култури, со оглед на опрашувањето кај овошките, кај градинарските култури и, општо, за плодноста на природата. Пчелата е клучен фактор.” – посочува Трпчески.

Пчеларите предупредуваат и на уште еден проблем кој тивко ја загрозува природа од која зависат – загадувањето и големиот број диви депонии.
„Колку помалку луѓе остануваат во селата, толку селата се позагадени. Замислете, едно село има пет-шест до просек диви депонии. Како ние да произведуваме висококвалитетен мед кога околината ни е целосно загадена? Мене ми е жал што ние како популација, како возрасни особи, нашите деца не ги воспитуваме во дух кој треба да ја сакаат и да ја почитуваат животната средина.“ – вели Трпчески.
Трпчески смета дека решението, покрај институционалните мерки, мора да започне и со промена на свеста, особено кај најмладите. Затоа, покрај борбата со проблемите, пчеларите работат и на проекти кои треба да ја приближат пчелата и пчеларството до децата.
Во соработка со Националниот парк „Галичица”, подготвен е проект за формирање пчеларник кој ќе служи како едукативно катче, каде децата ќе се запознаат со животот на пчелите, нивното значење и процесот на производство на мед.Медот произведен од пчелните семејства ќе биде дониран на училиштата и градинките во Охрид.
Фото: TVM архива




