Медицинските екипи од охридската брза помош имаат и преку 30 повици дневно
Во овие летни денови телефонскиот број 194 на итната медицинска помош постојано ѕвони. Медицинските екипи од охридската брза помош имаат и преку 30 повици за интревенции во текот на денот. Иако недостасуваат лекари во оваа служба докторите од постоечките екипи се трудат пациентите да не трпат поради тоа.
194,телефонот на итната медицинска помош постојано ѕвони во охридскиот здравствен дом. Во овие летни денови 30-тина вработени кои се дел од неколку екипи за итни интервенци имаат полни раце работа. Медицинските екипи помагаат при повици , но и амбулантско лекување на домашни и странски туристи кои имаат здравствени проблеми, информира д-р Ана Неделкоска, началник на ова служба. Се бара најразлична медицинска помош при колапси, сунчаници, дехидрираност, стомачни вирози , сообраќајни незгоди, набројува д-р Неделкоска.
„ Бројот на повици е многу зголемен. Само повици некогаш има и преку 30 во текот на денот. Дополнително има прегледи во амбуланта. За викенд тука се и пренасочувањата на пациенти од матичните лекари , странските и домашните туристи. Скопските пензионери кои се во летниот период во Охрид, а се под наша ингеренција, многу сме оптеретени“ , вели д-р Неделкоска.
Лекарите од итната медицинска помош поголем број на интервеници најчесто имаат во попладневните часови. Лекарска помош бараат пациенти од сите возрасни категории , а има и голем број интревенции при сообраќајни несреќи и давеници. д-р Неделкоска упатува апел луѓето да внимаваат и сериозно да се однесуваат кон своето здравје во овие топли летни денови.
„ Да внимаваат во кое време излегуваат на прошетки, да внимаваат на конзумирање храна и течности, да пијат повеќе течности. Возачите да внимваат во сообраќајот. Има зголемен број на сообраќајни несреќи за среќа со помал процент на смртен исход, но има. Кардиомиопатите да внимваат во кое време излегуваат и стануваат. Плажирањето да е во прикладно време и да внимаваат на изложеноста на сонце“, советува д-р Ана Неделкоска.
Во моментов во брза помош, во смена има екипи составени од по двајца доктори, 3 медицински сестри и 2 возачи. Во летниот период кога обемот на интервенции е поголем се чувствува потреба од доктори, но медицинските тимови максимално се трудат пациентите да не трпат поради тој недосток, посочува д-р Неделкоска.