Меѓународен конкурс за идејно решение за адаптација нa Одморалиштето на Феријалниот сојуз во Далјан во Наутички клуб Охрид
Наутички клуб Охрид – Оживување на заборавеното модерно наследство е насловен меѓународниот конкурс кој го објави TerraViva, платформа посветена на организацијата на меѓународни конкурси за архитектура. TerraViva ги поврзува најталентираните архитекти ширум светот со партнери и засегнати страни кои бараат висококвалитетни проекти и овој пат ги повикува архитектите, архитектонските студија и дизајнери ширум светот да изработат идеен проект за рехабилитација на Одморалиштето на Феријалниот сојуз во Охрид , лоцирано на брегот на Охридското езеро во населбата Даљан во современ Наутички клуб.
Зградата на Одморалиштето на Феријалниот сојуз е едно од најценетите наследства на Борис Чипан. Борис Чипан, роден во Охрид во 1918 година, е водечка фигура во македонската архитектура од 20 век, надалеку познат по неговиот придонес како конзерватор, архитект и професор.
– Неговото наследство, и во зачувувањето, и во модернистичкиот пристап, ја истакнува неговата посветеност за подобрување на историскиот престиж на Охрид, притоа, прифаќајќи ја современата перспектива, наведуваат организаторите на конкурсот.
Објектот бил изграден во 1955 година и е еден од неговите најрани модернистички творештва и првиот туристички објект во регионот кој работеше сѐ до неговото затварање во 2000 година.
–Оваа мала коцка, налик на Савоја, прикажува исклучително чист модернистички израз, кој се карактеризира со неговата пластичност и изборот на материјали со суптилни локални влијанија. Некогаш позната како рај за летните одмори за децата, објектот сега стои како напуштена руина. Сместена покрај брегот на езерото и делумно оградена со дрвја и грмушки, локацијата нуди поглед кој го одзема здивот: на југ кон езерото и на исток кон ридот,велат од TerraViva.
Одморалиштето на Феријалниот сојуз, моментално неискористено и напуштено, сè уште уште содржи голем потенцијал да се врати во употреба и да даде нов неверојатен простор за заедницата со поглед кон кристално чистите води на езерото. Покрај неговата архитектонска вредност која е несомнено значајна, неговата емоционална вредност за локалното население е уште позначајна: објектот е неразделен дел од колективната меморија на oхриѓани, се вели во конкурсот.
Учесниците на натпреварот за ново архитектонско решение се поканети да поднесат иновативни проекти за повторна употреба на зградата како „Летен камп на младинската унија“ во Охрид. Натпреварот бара дизајн за Наутички и социјален клуб отворен и за локалната заедница и за сезонските туристи.
-Идејата е да се замисли динамичен социјален простор способен да привлече граѓани и посетители на западната страна на езерското крајбрежје, обезбедувајќи привлечна алтернатива на најпрекрасниот источен Охрид.Главниот предизвик ќе биде да се замисли како оваа градба стара над 70 години би можела да им послужи на потребите на современ жив езерски клуб, се вели во конкурсот.
Целта е овој натпревар да биде првиот чекор за враќање на ова модернистичко чудо на граѓаните на Охрид. Проектот , се потенцира во конкурсот, треба да се фокусира на обновувањето на објектот на Чипан, но и на прекрасната зелена површина насочена кон езерото пришто пејзажот на надворешните простори ќе биде оценет со големо внимание од страна на жири комисијата …
Друг аспект кој секако треба да се земе во предвид е односот помеѓу зградата и брегот, во визуелна и просторна смисла, со акцент на панорамскиот поглед кон езерото кое е светско природно наследство под УНЕСКО, потенцираат од TerraViva.
Според проектните барања , наутичкиот клуб треба да содржи Рецепција; Бар и/или Ресторан; Теретана; Конференциска Сала; Внатрешни и надворешни простори за социјализација; Надворешен базен; Спортска програма; хангар за пловни објекти; Понтони и платформи; Детско игралиште; Сцена за организирање настани и тн.
Резултатите од овој натпревар ќе бидат објавени на 4-ти ноември 2024.
Фонтод на награди за првите три места е 7000 евра. Се доделуваат и Почесни признанија на 10 учесници од 30 финалисти.
Проектите ќе ги оценува осумчлено стручно жири составено од професори од Архитектонскиот факултет при универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, архитекти од Кембриџ, Њу Јорк. Филаделфија САД, Равена Италија , Перт Австралија и Мумабаи Индија.
Општина Охрид и Архитектонскиот факултет при универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се партнери и промотори на проектот.