Skip to main content

Охрид домаќин на 17. меѓународна конференција „Безбедност 2030“, во фокусот паметните технологии и новите безбедносни предизвици

Врвни експерти, претставници на институциите и научната заедница од земјата и странство денеска и утре во Охрид ќе дебатираат за иднината на безбедноста, сајбер-заканите, хибридните ризици, критичната инфраструктура и дигиталната отпорност на општествата.
 |  инфодеск  | 

Денеска и утре во Охрид ќе се одржи 17. Меѓународна научна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“, под покровителство на министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Конференцијата има за цел да создаде платформа за научна дебата, размена на знаења и мултидисциплинарна соработка за трансформацијата на безбедноста во ерата на напредните технологии. Посебен акцент ќе биде ставен на сајбер-безбедноста и дигиталната отпорност, хибридните закани и информациската безбедност, заштитата на критичната инфраструктура, етичките и правните аспекти на новите технологии, како и на градењето отпорни општества и унапредувањето на регионалната и меѓународната соработка.

Ќе учествуваат претставници на академската и научната заедница, безбедносните институции и јавниот сектор, како и истражувачи и практичари од земјата, регионот и пошироко.

Попладне, на отворањето на конференцијата свои обраќања ќе имаат Даниел Браун, Официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер; Панче Тошковски, Министер за внатрешни работи; Весна Јаневска, Министерка за образование и наука; Кирил Пецаков, Градоначалник на Општина Охрид; Игор Неделковски, Ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Јонче Ивановски, Декан на Факултетот за безбедност – Скопје.

Вториот ден од конференцијата ќе се одржат паралелни научни сесии посветени на полициското работење и новите технологии, паметниот сообраќај и урбаната мобилност, глобалната безбедност и меѓународната соработка, етиката, правото и дигиталната отпорност, како и хибридните закани и информациската безбедност.

Преку научни излагања, тематски дискусии и размена на искуства, конференцијата ќе придонесе кон продлабочување на соработката меѓу академската заедница, институциите и практичарите и кон развивање современи пристапи за справување со безбедносните ризици и предизвици во пресрет на 2030 година.