Skip to main content

Охрид во петокот беше домаќин на XVIII Меѓународна научна конференција INSCOSES 2026

На конференцијата беа презентирани научни трудови од областа на туризмот, угостителството, економијата, меѓународната трговија, логистиката, финансиите, осигурувањето и дигиталната трансформација.
 |  инфодеск  | 

Факултетот за туризам и угостителство – Охрид во петокот беше домаќин на XVIII Меѓународна научна конференција за услужниот сектор – INSCOSES 2026, која обедини истражувачи и професори од повеќе земји. На конференцијата беа презентирани научни трудови од областа на туризмот, угостителството, економијата, меѓународната трговија, логистиката, финансиите, осигурувањето и дигиталната трансформација.

Посебен дел од програмата беше пленарното предавање на проф. д-р Jean Vasile Andrei, на тема „When Energy Meets Tourism: A Twin Transition Perspective on Sustainable Transformation“, посветено на поврзаноста на енергетиката и туризмот во контекст на одржливиот развој.

Во рамките на конференцијата се одржа и тематска сесија за примената на предиктивната аналитика и вештачката интелигенција во унапредувањето на туризмот во Северна Македонија, на која беа презентирани резултатите од успешно реализиран проект поддржан од Министерството за образование и наука.

Од Факултетот за туризам и угостителство упатија благодарност до сите учесници, гости, модератори и колеги, како и до Општина Охрид и Министерството за образование и наука за поддршката во реализацијата на конференцијата.