Менкиноски: МВР не доаѓа на суд, на следното рочиште ќе барам ослободителна пресуда
Уште еднаш одложено рочиштето за судскиот поцес на кој охридскиот адвокат Тони Менкиноски се јавува како обвинет за нарушување на јавниот ред и мир. Тој и денес пред основниот суд во Охрид повтори дека не се чувствува виновен, мисли дека причина за обвинението е поставувањето на знамето со Сонцето од Кутлеш, во знак на поддршка на осудените за настаните на 27 април.
„Денеска на судењето воопшто не се појавија припадници на МВР. Очигледно е дека МВР бега од средба и пулените на Министерот Оливер Спасовски, не дојдоа денеска да ни објаснат како ние тоа сме го нарушиле јавниот ред и мир. Јас не се чувствувам воопшто виновен, да горд сум што го истакнав македонското знаме, но не се чувствувам виновен дека сум го нарушил јавниот ред и мир. Не постои ниту еден закон, меѓународен договор, билатерален или мултилатерален, кој може да ме спречи мене како Македонец, да не го развеам Македонското знаме. “ – изјави Менкиноски.
Менкиноски вели дека ова не е само негова битка. Вели дека ова е битка за Македонците, исто онака како што водевме битка во Стразбур за Македонците од Пиринска Македонија. Нема поголем апсурд од тоа да не можеме да го развееме ова знаме во нашата држава, подвлекува Менкиноски.
„Јас ќе барам судот да донесе ослободителна пресуда поради тоа што не се појавува никој од другата страна и ослободителната пресуда треба да значи пресуда за нас Македонците, достоинствено да го вееме ова знаме, знамето од Кутлеш.“ – вели Менкиноски.
Следното рочиште е закажано за 26 септември. Менкиноски се товари дека го нарушил јавниот ред и мир кога на Водици, во Охрид, кај „Долна Порта“ го истакнал знамето, кое до 1994 година беше и официјално знаме на Република Македонија.