Место храна одгледуваме тутун на илјадници хектари плодна земја
Под мотото „Потребна ни е храна, не тутун“, денес се одбележува Светскиот ден без тутун, со цел, да се истакне долгорочната важност на одгледувањето на одржливи и хранливи земјоделски култури, наместо тутун, што во актуелниот и многу сложен момент за нашата планета и општество, особено е значајно. Студиите направени од СЗО велат дека во периодот од 2005 -2020 во светот, за 16% се намалуваат површините на кои се одгледува тутнот, додека во истиот тој период во Африка се зголемуваат за 20%. Ние сме лидери на Балканот кога станува збор за одгледување на тутун, вели Д-р Даниела Чингоска – специјалист по социјална медицина и јавно здравје.
„Нашата држава се наоѓа на висото 19-место во светот, според хектари плодна површина на која се одгледува тутун и на второ место во европскиот регион, веднаш после Турција.“- вели Д-р Даниела Чингоска.
Во Македонија тутун се одгледува на површина од над шеснаесет илјади хектари. Ваквата слика е резултат на владините субвенции за одгледување на оваа култура, само 2020 година државата доделила субвенции за тутунопроизводителите во висина од вртоглави 32 милиони долари. Почвата на која долги години се одгледува тутун станува неполдна, после користењето на пестициди. Спротивно на популарното верување, дека производството на тутун ја полни државната каса, тоа во бруто домашниот производ учествува со два проценти.
Високо сме рангирани и како земја со активни пушачи и како земја по број на испушени цигари дневно по пушач, вели Чингоска. Речиси половина од возрасната популација во Македонија пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Сите оние кои сакаат да стават крај на оваа лоша навика тоа може да го сторат во Центарот за Јавно здравје, каде работи Советувалиштето за одвикнување од пушење од 2014 години како една програма на Министерството за здравство.
„Доколку решат, слободно може да се обратат до советувалиштето каде ќе бидат запознаени со проблематиката околу штетноста прво, потоа се прават тестови за покажување на нивото на зависност, индивидуално и врз основа на тие одиме со програма за советување како совето за помош при откажување и препораки за заменска никотинска терапија.“ – вели д-р Чингоска.
Пушењето како причина за смрт се поврзува со околу 7.2 милиони смртни исходи во светот, годишно. Тутунот убива приближно половина од своите корисници, одземајќи така повеќе животи отколку сидата, маларијата и туберкулозата заедно. Потребна ни е храна, не тутун, ќе биде тема на едукативните работилници што стручните лица на Центар за јавно здравје Охрид ќе ги реализираат во средните училишта во Охрид.