Skip to main content

Метална препрека со мрежа ќе се поставува и на реката Черава

Оваа река со години го загадува Охридското Езеро носејќи големи количини отпад кои локалните жители ги фрлаат долж речното корито. Черава тече низ Албанија и се влева во езерото кај Љубанишко поле.

 |  Валентина Неловска  | 

Метална брана со заштитна мрежа ќе се поставува на реката Черава за ад се спречи тешко разградлив пластичен отпад да заврши во водите на Охридското езеро. Реката Черава, која тече низ Албанија и се влева во езерото кај Љубанишко поле со себе носи дел од огромни количини разновиден отпад кој е натрупан покрај нејзиното корито. Отпадот кој завршува во речното корито е одраз на ниското ниво на култура на локалното население, непочитување на природата, реките, езерото кои често се користат како депонија.

Македонските еколози со години апелираат Општините Охрид и Поградец да преземаат заеднички акции за спречување на ваквите еколошки катастрофи и за подигање на еколошката култура на населението за заштита на реките и езерото.

Службите на Охридски комуналец после секој обилен дожд и посилен јужен ветар од кејот и езерото подигаат огромни количини тешко разградлив отпад како што се пластична и картонска амбалажа, најлон кеси, лименки кои надојдените реки ги носат со себе. Расчистуваат и наноси од трска и реси.

Општина Охрид деновиве започна да поставува заштитни метални механизми на реките од сливното подрачје на Охридското Езеро со цел да ја заштити животната средина и да го спречи влевањето на најразлични видови на цвст отпад во езерските води.


Прва ваква брана беше поставена на реката Сушица, а во престојниов период заштитни мрежи ќе бидат поставени на повеќе места на сите други речни корита кои се влеваат во Охридското Езеро.