Мицкоски: Aлармот е вклучен, ќе ги слушнеме проблемите лично од граѓаните
ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид ја почна кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, а со која планираат да ја прошетаат цела Македонија. Директно на терен ќе разговараме со граѓаните, целни групи, да ги слушнеме од прво лице проблемите и да понудиме решенија, кои ќе биде содржани во програмата што ќе биде дел од кампањата за следните парламентарни избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Затоа велиме дека е важно, алармот е вклучен и ние цениме дека со оваа акција можеме навистина да имаме една исклучително содржајна кампања. Почнуваме токму овде од Охрид со мене тука е и градоначалникот, претседавачот на Совет и пратениците, и сите оние кои што се дел од администрацијата во Охрид, дел од структурата овде во општина Охрид“- кажа Мицкоски.
Лидерот на најголемата опозициона партија ги поздрави активностите на локалната власт во Охрид предводена од градоначалникот Пецаков за направеното изминатите две години локална самоуправа раководена од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, партијата ВМРО-ДПМНЕ како носител на идната влада има намера од централниот буџет за проекти во Охрид да алоцира средства до осум милиони евра годишно или 32 милиони евра за четиригодишниот мандат.
„Тоа се навистина значајни проекти, на дел од тие проекти како што е проектот за канализација и пречистителна станица во населеното место Трпејца ќе посветиме посебно внимание денеска. Но, не е само тоа, тука се и други проекти, нов водоснабдителен систем наречен проект Свиништа, односно проект кој што ќе биде помеѓу 8 и 9 милиони евра со кои што според тоа што го добиваме како информација би се обезбедило стабилно навремено снабдување на Охрид со вода би рекол а следните 50тина години, без разлика на пикот на туристичката сезона. Но, и не само тоа, и други канализациони мрежи во други населени места, училишта, инфраструктурни проекти, катна гаража која што се планира во центарот на градот итн.“- истакна Мицкоски.
Партиското раководство и Мицкоски според агендата ќе имаат средби со граѓани во Охрид, Трпејца и Пештани, туристичките работници, пензионери, претставници на спортски клубови.