Мицкоски од митингoт во Охрид повика на национално обединување
Народот доаѓа по своето, доаѓа по тоа што му е одземено, доаѓа по Македонија, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на народен собир во Охрид, од каде партијата ја започнува кампањата за парламентарните избори.
„Нашата цел е да ја вратиме Македонија во рацете на народот. И да ја одземеме од рацете на 100-тина функционери од ДУИ и нивните измеќари од СДСМ. Не им ја даваме Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца. Тргнавме и нема назад. Доаѓа цунамито што ќе ги одвее од политичката сцена.“ – кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека сака да открие едно сценарио, кое го подготвувале СДСМ, а тоа е, како што рече,СДСМ ќе имале 28 пратеници, а албанските партии заедно ќе добиеле 33 и ќе правеле влада.
„Нив не ги интересира иднината на државата, туку иднината на нивните фотелји,„нема откажување од фотелјите“треба да им е слоганот. Дури и им ветувале на ДУИ дека наместо како до сега 50 проценти од државните институции, СДСМ би се задоволиле со 30 проценти, а ДУИ и останатите партии да преземат се до 70 проценти.“ – рече Мицкоски.
Мицкоски од Охрид повика на национално единствено, а партиите Левица и ЗНАМ ги повика на национално обединување. Иницијативата за обединување рече ќе ја започнел со мораториум на нападите кон Левица и ЗНАМ. Тој ги повика и членовите на СДСМ, да работат заедно, да ги запрат поделбите по партиска основа и да ги мобилизираат сите капацитети и потенцијали за развој на државата.
Ѓорѓија Сајкоски, носител на пратеничка листа од ВМРО ДПМНЕ и Колаицијата во ИЕ5 кажа дека со програмата„Платформа 1198“ целосно ќе ја рестартираат државата со фокус на квалитетен животен стандард за граѓаните, ниски даноци, повисоки плати и пензии, подобри можности и вработување за младите. Сајкоски наброја дел од проектите предвидени за Охрид како реконструкција на градското пристаниште.
„Ќе ги зголемиме инфраструктурните инвестиции во комплексот Плаошник, а со изработка на детална програма Охрид ќе стане центар на културен туризам со посебно внимание на промоција на црковно историско наследство. Ќе изградиме ново училиште „Григор Прличев“, катна гаража кај градскиот пазар, плоштад кај Чинар, систем за водоснабдување на Охрид од Свинишки извори, ќе работиме на кеј Македонија и довршување на затворениот пливачки базен, ќе изградиме канализационен систем со пречистителна станица во Трпејца.“ – наброја Сајкоски.
Ја очекувам вашата поддршка, а за возврат ќе ги испорачаме ветените проекти затоа што верувам во себе и во кандидатите за пратеници, им порача Сајкоски на охриѓани.