Мицкоски од Охрид: ВМРО-ДПМНЕ ќе води позитивна кампања, на проекти и надеж, која ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Охрид, од каде традиционално со митинг партијата ја започнува кампањата за парламентарните избори, со градоначалникот Кирил Пецаков беше на увид на неколку локации каде во тек е реализација на проекти. Мицкоски и Пецаков ги посетија локациите каде се одвиваат градежни активности за изградбата на спортската сала во основното училиште во Лескоец, во поранешната касарна каде ќе биде новата училишна зграда на ОУ „Кочо Рацин“ и на локацијата каде започнаа работите на изградба на авантуристички парк
„Покрај на овие три локации, градежни активности се одвиваат на уште три. Со доаѓањето на пролетта и подобрување на временските услови продолжуваме со реализација на проектите кои ги ветивме пред охриѓани. Со последната година од мандатот мој како градоначалник, најголем дел од програмата која ја ветивме пред охриѓани ќе ја заокружиме“ – рече Пецаков.
Реализацијата на проектите во Охрид продолжуваат со несмалена динамика, желбата на Пецаков да направи проект повеќе за охриѓани е огромна и таа ќе биде уште поинтензивна откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада, истакна Мицкоски. .Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на првиот ден од предизборната кампања од Охрид најави дека идната власт што ќе ја предводат блиску ќе соработува со сите градоначалници, независно од која партија тие доаѓаат. Посочи дека во предизборната програмата „Платформа 1198“ се опфатени и многу значајни инфраструктурни проекти.
„Повеќе од 2 милјарди евра се планирани да се инвестираат во инфраструктурата. Тука е оној проект кој е многу значаен, а тоа е реалоцирање средства од Буџетот кон општините, во вредност од 250 милиони евра годишно или за еден 4 годишен мандат тоа би било точно 1 милјадра евра. Ги повикувам општините не само таму каде што имаме градоначалници кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, туку и во оние каде има градоначалници од СДСМ, ДУИ, Алијанса на Албанците, Беса и независни градоначалници, да прават проекти бидејќи, откако ребалансот на буџетот ќе се случи во јули, првиот оглас ќе биде објавен есента, за да може да аплицираат за проекти кои ќе се важни за граѓаните.“- рече Мицкоски.
Еден од приоритетите, потенцираше, е и конечно завршување на автопатот Кичево -Охрид кој според нивната анализа би било во втората половина на 2026 година. Во поглед на очекувања од кампањата истакна дека водат позитивна кампања, кампања на проекти, на надеж, кампања која ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите.