Skip to main content

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас во прва официјална посета на Охрид

Предизвиците со кои се соочува Општина Охрид, реализираните проекти со поддршка на Европската Унија, капиталните проекти кои се планираат за во иднина, беа во фокусот на денешната средба на градоначалникот Кирил Пецаков и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас.
 |  инфодеск  | 

Приоритетите на локалната самоуправа и на ЕУ во поглед на овој град се исти, истакна високиот гости. На работаната средба со Градоначалникот Кирил Пецаков во фокусот беа проектите кои Општина Охрид ги реализира со поддршка на европските фондови, предизвиците и плановите за во иднина.

-На средбата ги истакнавме неколкуте проекти кои во минатото ги завршивме заедно како Општина и како Европска Унија и сето тоа што го поддржуваат.  Поразговаравме и за предизвиците кои се пред нас, меѓутоа и сето она кое за нас е важно во наредниот период, кои се најголемите предизвици, најголемите проекти кои се планираат за Охрид и генерално како Охрид го гледаме во иднина, како еден од најважните градови во Македонија. Секако поразговаравме и за сите работи кои се поврзани со препораките и мерките на УНЕСКО како тема која во моментов е актуелна и секако дека добрата соработка која и досега ја имаме како Општина и ЕУ не само со проектите, туку за се тоа што подразбира поддршка на Општината и државата ќе продолжи и во иднина, рече градоначалникот Пецаков, изјави градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Евроамбасадорот, Михалис Рокас посочи дека со градоначалникот Пецаков дискутирале за заедничките проекти со ЕУ, при што посочи дека е задоволен од начинот на кој истите се имплементирани и дека соработката е одлична.

-Разговаравме и за приоритетите кои ги имаме ние како ЕУ и се разбира Општина Охрид и тие се поклопуваат. Разговаравме и за  предизвиците како прашањето со УНЕСКО, и за големите  инфраструктурни проекти, како коридорот 8. Стана збор и за јавниот паркинг во градот, јавното зеленило, третирањето на цврстиот отад, како и за третирање на отпадните води. Многу активности се во тек и мое мислење е , по дискусијата, дека одиме во вистинска насока.  Разговаравме и за глобалните предизвици. Да не забораваме дека Охрид е скапоцениот камен на оваа земја и за да го зачуваме неопходно е  заеднички да работат сите засегнати општини и институции во двете земји, рече Михалис Рокас – Амбасадор на ЕУ во РСМ.

Во рамки на првата посета на Општина Охрид, евроамбасадорот оствари средба и со претседателот на Советот, Перчо Божиновски и членовите на Советот на Општина Охрид.