Skip to main content

Мила Јовановиќ го урива стереотипот дека нуркањето е претежно машки спорт

Во охридските клубови се поголем е бројот на девојки кои се занимаваат со нуркање. Овие храбри сирени ги уриваат стереотипите дека нуркањето е претежно машки спорт.
 |  Маја Савиќ  | 

17-годишната Мила Јовановиќ шест години се занимава со нуркање, спорт за која многумина би рекле дека е претежно машки. Мила за првпат започнала да нурка со својот татко на 12 годишна возраст, а една година подоцна добила и сертификат за нуркање. Таа е членка на Клубот за подводни дејности „Охрид“ и една од младите нуркачки во Охрид кои во последно време ги има се повеќе на број.

„Подводниот свет е магичен и секое нуркање носи свои изненадувања.Многу сакам да ги набљудувам најразличните риби. Предизвик ми е да барам стари предмети од антиката,но сега,засега има само отпад што луѓето го оставаат зад себе“ – вели Мила.

Интересот за нуркањето кај припадничките на понежниот пол во последните неколку години е се поголем, велат од Нуркачкиот клуб Охрид. Покрај охриѓанки има и девојки од други градови кои ги учат тајните на нуркањето. Инструкторите велат дека нуркачките се исклучително дисциплинирани и тоа што ќе го научат и совладаат при основната обука беспрекорно го применуваат во текот на нуркањето.

„Многу интересно и многу безбедно е со нив да се нурка.Тоа е она што ги прави различни од мажите,на пример кај маживе може да е добар нуркач,меѓутоа не е дисциплиниран. Ние имаме нуркачка од Охрид која што е рекордерка со 117 метри, со Скуба дајвинг со боци,кое е изразито тешко и за машко и за поподготвен нуркач да ја постигне таа длабочина“. – вели Горан Балевски – претседател на Нуркачки клуб „Охрид“.

Во Нуркачкиот клуб „Охрид“ има нуркачки на возраст од 14 години па нагоре. Покрај уживањето во рекреативно нуркање тие редовно учествуваат во еколошките акции за чистење на езерското дно од отпад.