Skip to main content

Охриѓанката Миланка Новеска повторно добитник на кралска стипендија од Шведска

Во рамки на свеченоста што ќе се одржи вечерва во Дротнингхолмскиот дворски театар, Новеска ќе настапи пред Нивните Височества, кралот и кралицата на Шведска, членовите на Друштвото на пријатели на театарот, како и бројни поддржувачи на младите уметници и барокната опера.
 |  инфодеск  | 

Македонската мецосопранистка Миланка Новеска по вторпат е добитничка на стипендијата од Фондацијата „Ингрид и Оскар Фалкман“, која се доделува од Друштвото на пријатели на Дротнингхолмскиот дворски театар во Шведска. Ова значајно признание Новеска го добива по вторпат во својата кариера, откако првпат беше стипендист во 2024 година.

Во рамки на свеченоста што ќе се одржи вечерва во Дротнингхолмскиот дворски театар, Новеска ќе настапи пред Нивните Височества, кралот и кралицата на Шведска, членовите на Друштвото на пријатели на театарот, како и бројни поддржувачи на младите уметници и барокната опера.

На настанот таа ќе настапи заедно со уште двајца оперски пејачи, изведувајќи соло точки, дуети и триа во дело од композиторот Јонас Доминик. За потребите на церемонијата беше подготвена и специјална обработка на „Vila vid denna källa“, една од најпознатите и најомилените шведски балади, напишана од Карл Михаел Белман во 1790 година.

Почетокот на летната сезона за Новеска е исполнет со бројни уметнички ангажмани во Стокхолм, а на 20 јуни таа ќе настапи и пред лондонската публика во насловната улога во операта „Риналдо“ од Георг Фридрих Хендл.

По повод добивањето на стипендијата, Миланка Новеска изрази искрена благодарност за довербата и поддршката што ѝ се укажува во нејзиниот уметнички развој.