Skip to main content

Министерство за економија

Минималната плата во март околу 20 500 денари

Идниот месец најверојатно минималната плата ќе биде околу 20 500 денари во приватниот и јавниот сектор и тие средства се предвидени со Буџетот за 2023 година.
 |  инфодеск  | 
Денари минималец

Минималната плата во приватниот и јавниот сектор идниот месец најверојатно ќе биде 20 500 денари и тие средства се предвидени во сите институции со Буџетот за 2023 година, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Но, како што рече тој, дополнително на тоа, за да има еднаквост во делот на платите на администрацијата, би требало околу 2 000 денари да има зголемување линеарно на сите плати во администрацијата се со цел да има разлика меѓу платите во државната администрација.

И тие средства веќе се предвидени, има буџет за тоа зголемување – рече Бектеши.

Според него, Министерството за финансии ги има направено сите неопходни калкулации и е подготвено да се реализира зголемувањето на минималната плата и платата на административните службеници.

Воведовме законско решение за утврдување на минималната плата. Методологијата е целосно усогласена со синдикатите и институциите. Имајќи го предвид зголемувањето на минималната плата, очекувам дека покачувањето ќе биде над 2 000 денари линеарно за секоја категорија во државната администрација. Ако некој се спротивстави на зголемување на платите, мислам дека ќе направи голема грешка. Ако треба да се носи законско решение, најверојатно сите политички партии во Собранието би го поддржале. Треба да направиме сè што е во наша можност за да ги зголемиме платите, имајќи ги предвид инфлацијата и очекувањата на граѓаните. Во таа насока ќе постапиме и како Влада. Министерот Бесими вели дека сите проекции и калкулации се направени, веќе ги има донесено тие одлуки и е подготвен да се направи ова зголемување – истакна Бектеши на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања.