Министерката за култура ги посети културно – историските локалитети во Охрид
Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, беше во посета на Охрид, при што оствари средби со раководството на охридскиот „Завод и Музеј, Ирена Шајн, а посети и некои од најзначајните културно-историски обележја на градот.
Министерката ги посети Самуиловата тврдина и археолошкиот локалитет ,,Плаошник” за кој во текот на 2023 год. како дел од Годишната програма поддржана од Министерството за култура, започна со реализација проектот „Дигитализација на документацијата од археолошките истражувања во 2013 год на лок.Плаошник, Охрид“.
Што се однесува на Самуиловата тврдина/Цитадела, министерката вели дека стручните екипи на Охридскиот завод и музеј посветено работат на проектот за конзервација и доистражување на просторот со цел ревитализација и целосна презентација. Овој проект се реализира четврта година по ред, а веруваме дека следната година, Самуиловата тврдина ќе биде целосно подготвена за презентација, со што уште повеќе ќе се подигне квалитетот на културната и на туристичката промоција на Охрид. “ – вели Костадиновска – Стојчевска.
Министерката придружувана од вработени во Завод и Музеј ја посети и црквата „Света Богородица Болничка“,каде што со поддршка од Министерството за култура, како продолжување од минатата година, се одвива проектот за конзерваторско-реставраторски работи на живописот на црквата. При посетата на античкиот театар министерката била запозната со комплетната промена на дрвената конструкција, при што станало збор за подобрување на условите за изведба на оваа сцена на отворено.
Според министерката, Заводот и музеј од Охрид е една од институциите кои покажуваат самоодржливост преку обезбедувањето средства од сопствени приходи од влезници за посета на музеите и локалитетите.
И на крај, како што вели министерката, меѓудругото, биле разменети мислења и за актуелните случувања во рамките на УНЕСКО во сферата на заштитата на културното и природното наследство. За да се постигне успех во зачувувањето на престижниот УНЕСКО статус на Охридскиот регион неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските – и централната и локалната власт и граѓаните , вели министерката за култура.