Министерот за здравсто Венко Филипче во работна посета на охридската Општа болница и специјалната Св. Еразмо
Министерот ги слушна предизвиците со кои се соочуваат лекарите и медицинарите во борбата со Ковид 19. Филипче е задоволен од справувањето со епидемијата, а меѓу другото кажа дека веќе се прават планови за подготовки на здравствениот систем за есенскиот период кога се очекува поголем број на заболени од Ковид 19 и од сезонски грип.
Венко Филипче, министерот за здравство се сретна со охридските лекари и медицински персонал во ЈЗУ Општа болница и специјалната Св Еразмо Охридски и ги слушна од прва рака проблемите со кои се соочуваат за време на епидемијата на Ковид 19. Министерот е задоволен како досега охридските лекари и медицински кадар се справуваат со целокупната ситуација при лекувањето на пациентите и при тоа им искажа благодарност. За секојдневниот голем број на позитивни пациенти со Ковид 19, Филипче кажа дека засега се прават пошироки тестирања, со кои навреме се предвидува притисокот на здравствениот систем и пополнувањето на болчничките капацитети. Министерот напомена дека веќе се прават планови за подготовки на здравствениот систем за есенскиот период кога се очекува поголем број на заболени од Ковид 19 и од сезонски грип.
„Имаме одличен систем на широко тестирање и идентификација на болните и асимптоматски пациенти. Друг пристап може да значи да се затрупаат болниците со пациенти, а тоа сакаме да го избегнеме, “кажа Филипче.
Во моментов во охридската болница се лекуваат 25 пациенти позитивни на Ковид 19. Од нив 18 се на лекување на инфективното одделение, а 7 на адаптираниот оддел, информира директорот Горан Балевски и додава дека има само уште неколку слободни болнички кревети во услови кога расте бројот на позитивни пациенти во Охрид.
„Ние сме во секојдневна комуникација со сите болници знаеме во кој момент колку болни има. Во периодот кога бевме исполнети со сите 25 болнички кревети, испративме 4 пациенти на Клиниката за инфективни болести во Битола. Наутро знаеме која болница колку кревети има и каде да ги испратиме. Се држи во стабилна состојба ситуацијата“, кажува Балевски.
Болницата има доволно количини на медицинска заштитна опрема и иколичини со кислород, информира директорот Балевски. Во стабилна работна функција се сите останати одделенија во охридската Општа болница.